Иран се закани со контрола врз интернет-каблите во Ормускиот Теснец

Иран најави дека би можел да воведе наплата за користење на подморските интернет-кабли што минуваат низ Ормускиот Теснец, предупредувајќи дека во спротивно би можело да дојде и до прекин на сообраќајот на податоци.

Според Си-Ен-Ен, иранските власти сакаат најголемите светски технолошки компании да плаќаат такси за каблите преку кои се пренесува огромен дел од интернет и финансискиот сообраќај меѓу Европа, Азија и Персискиот Залив.

Иранскиот воен портпарол Ебрахим Золфагари изјави дека Техеран ќе воведе царини за интернет-каблите, додека медиуми блиски до Револуционерната гарда наведуваат дека компании како „Гугл“, „Мајкрософт“, „Мета“ и „Амазон“ би морале да ги почитуваат иранските закони.

Планот предвидува компаниите што управуваат со подморските кабли да плаќаат лиценци за минување, а поправките и одржувањето да ги вршат исклучиво ирански компании.

Експертите предупредуваат дека евентуално оштетување или прекин на каблите би можело сериозно да влијае врз глобалниот интернет, банкарските системи, финансиските трансакции и комуникациите.

Низ Ормускиот Теснец минуваат повеќе клучни подморски кабли што ги поврзуваат азиските и европските дигитални центри, а дел од нив минуваат и низ ирански територијални води.

Според аналитичарите, заканите на Иран се дел од стратегијата со која Техеран се обидува да покаже дека има моќ да нанесе сериозна штета врз светската економија доколку биде нападнат.

Стручњаците посочуваат дека иако денес постојат алтернативни рути за интернет-сообраќај, поголем прекин во регионот би можел да предизвика значителни нарушувања на глобалните комуникации и дигиталната инфраструктура.

Извор: skopje1.mk 

Back to top button
Close