Иран соопшти дека веќе не е обврзан со ограничувањата наложени врз неговата нуклеарна програма
Иран денеска соопшти дека веќе не е обврзан со „ограничувањата“ поврзани со неговата нуклеарна програма, потврдувајќи ја својата посветеност на дипломатијата, на денот кога истекува меѓународниот договор потпишан во Виена пред 10 години, јавија светските агенции.
Спогодбата, потпишана во 2015 година од Велика Британија, Германија, САД, Русија и Кина, имаше за цел да ги регулира нуклеарните активности на Исламската Република во замена за укинување на санкциите на ОН кои сериозно ја погодија иранската економија.
Спогодбата истекува денес – 18 октомври 2025 година, точно 10 години откако текстот беше одобрен во Резолуцијата 2231 на ОН.
И покрај негирањата, Техеран е осомничен од западните земји и неговиот најголем непријател Израел за тајно развивање нуклеарно оружје.
Отсега натаму, „сите одредби (од договорот), вклучително и ограничувањата на нуклеарната програма на Иран и поврзаните механизми, се сметаат за прекинати“, се наведува во соопштението на иранското Министерство за надворешни работи.
Договорот го ограничи Техеран на збогатување на ураниум до 3,67% и предвидуваше строго следење на неговите нуклеарни активности од страна на нуклеарниот надзорен орган на ОН, Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).
Во 2018 година, за време на првиот мандат на американскиот претседател Доналд Трамп, САД се повлекоа од договорот и повторно воведоа санкции врз Иран, иако Техеран во тоа време ги почитуваше своите обврски кон МААЕ, потсетуваат агенциите.