Ирански функционер со закана кон Трамп: Да постапиме со него како со Мадуро

Висок ирански функционер и идеолог, Хасан Рахимпур Азгади, синоќа изнесе крајно остра и провокативна изјава во која оцени дека Иран, како одговор на ставот на Вашингтон кон протестите во земјата, треба да постапи со американскиот претседател Доналд Трамп „на ист начин како што тој постапил со Мадуро“.

Азгади, кој е член на Врховниот совет за културна револуција на Иран, изјави дека, според него, поради политиките и јавните изјави на Трамп, би била „дозволена секоја форма на операција на територијата на Соединетите Американски Држави, во сите сојузни држави и градови“, вклучително и, како што рече, „деструктивни операции од типот на оние што тие ги спроведуваат тука“.

„Иран мора да му го направи на Трамп она што тие му го направија на Мадуро“, изјави Азгади, алудирајќи на постапките на САД кон венецуелскиот лидер. Во продолжение на својата изјава тој додаде дека американскиот претседател „мора да ја плати цената за своите постапки, за време или дури и по завршувањето на неговиот претседателски мандат“, изразувајќи и лична надеж дека Трамп „треба да биде фатен“.

Изјавата доаѓа во период на сериозни тензии меѓу Техеран и Вашингтон, по заканите од американскиот претседател дека САД ќе реагираат „многу силно“ доколку иранските власти започнат со убиства на демонстранти за време на актуелните масовни протести во земјата. Реториката од иранска страна дополнително ја заострува веќе кревката дипломатска состојба и отвора сериозни прашања за натамошната ескалација на односите меѓу двете држави.

Извор: skopje1.mk

Back to top button
Close