Ирански официјален претставник: Европските предлози презентирани на состанокот во Женева се нереални
Дискусиите и предлозите презентирани од европските сили на разговорите во Женева за нуклеарната програма на Иран беа нереални, а инсистирањето на нив нема да ги доближи двете страни до постигнување договор, изјави денеска ирански официјален претставник.
„Во секој случај, Иран ќе ги разгледа европските предлози во Техеран и ќе ги презентира своите одговори на следниот состанок“, рече функционерот.
Тој додаде дека барањето на европските земји за нула збогатување на ураниум е „ќорсокак“ и дека Иран нема да преговара за своите одбранбени капацитети, како и за својата ракетна програма.
Во Женева вчера се одржа состанок на министрите за надворешни работи на Велика Британија, Франција, Германија (Е3) и Европската Унија со шефот на иранската дипломатија, Абас Аракчи, на кој, според изјавите на учесниците, не е постигнат конкретен напредок. Тоа беше првата директна средба меѓу западните и иранските функционери откако започна конфликтот на Иран со Израел на 13 јуни.