Иранските диџејки кои владеат со подиумот и ги кршат табуата

Мешани рејв забави со мажи и жени се илегални во Иран, но сепак се одржуваат – далеку од очите на моралната полиција, а некои од жените диџејки кои пуштаат музика и ја размрдуваат публиката се тие кои ги кршат табуата и ги поместуваат културните граници.

Исламската револуција во Иран во 1979 година го сврте наопаку културниот живот на земјата. Поп музиката, која се сметала за револуционерна била забранета и многу музичари избегале. Во исто време, и женското пеење било прогласено за грев.

Поп и кабаре сцената исчезнала преку ноќ, но зад затворени врати, некои нешта продолжиле да се случуваат како претходно.

„Непристојните“ музички касети и цедиња биле шверцани во земјата од странство и тајно испорачувани до домовите на луѓето. Потоа, по вечерата, светлата се гаселе и дневните соби станувале подиуми за танц.

„Танцував на секоја мехмони (фамилијарна забава)“, вели Парамида, диџејка која сега во Берлин е продуцентка и сопственичка на музичка продукција.

Мајката на Парамида го напуштила Иран бидејќи не сакала нејзината ќерка да живее во земја „каде жените се третирани толку лошо“. Задолжителното носење на хиџаб била една од рестрикциите на кои таа се противела.

Таа се преселила во Германија, но во 2002 таа морала да се врати во Иран поради фамилијарни причини и Парамида четири години одела на училиште во Техран. Не поминало многу време, кога, освен танцување по дома, Парамида почнала да оди и на андерграунд забави.

„Се делевме по автомобили, машки во една, девојки во друга. Возевме надвор од градот и ќе поставевме музика и светла и сите танцувавме“, се сеќава Парамида.

Во доцните 90-ти во Иран почнал да се развива нов вид на култура на забави. Со доаѓањето на нелегалните сателити, дошле и музичките канали како Ем-ти-ви и наскоро почнала да се развива андерграунд рејв сцената.

„За прв пат бев на забава и еден диџеј пушташе хаус музика“, се сеќава Неса Азадика, 40 годишна дицејка родена и израсната во Техран.

„Цело време гледав во него и помислив: Би сакала и јас тоа да го работам“

По неколку години, Неса била една од првите ирански жени кои станале диџејки во андерграунд „слободните забави“ – хаус и техно музички собиранки на приватни локации на кои можело да се влезе само со покана. Во раните денови, забавите најмногу се одржувале во ски-селото Шемшак, со прекар „Шибиза“ по шпанскиот остров Ибица, познат по клупската сцена.

Но одење и одржување на забави во Иран е кривично дело. Иако не е во кривичниот законик, луѓе многу често се уапсени на андерграунд собиранките и обвинети за консумација на алкохол или дружење со луѓе од спротивниот пол – дела кои можат да бидат казнети со паричен износ, затвор или камшикување.

Не е познато колку апсења се случуваат секоја година, но 300 луѓе кои оделе на вакви забави, биле приведени на андеграунд настан минатиот ноември, според локалните новински агенции.

А на 5 март годинава, најмалку 11 студени од универзитет биле уапсени на мешана забава и суспендирани три семестри.

„Моите родители ми кажаа дека ако полицијата ме најде на забава, ќе бидам во неволја, и бев многу внимателна“, вели Неса.

Ниту таа, ниту Парамида биле некогаш уапсени за одење на рејв. Но растењето со постојан страв од опасност најверојатно ги обележило животите на иранските музичари.

Тоа е една од причините зашто двете диџејки се чувствуваат поврзани со женските движења што изминативе 45 години се дел од прогресивните повици за промени во Иран – особено по смртта на 22 годишната Махса Амини која почина во притвор откако беше обвинета дека хиџабот го носела несоодветно.

Парамида вели дека била трогната од демонстранти кои извикувале „Жени, живот, слобода“ на протестите ширум Иран во 2022.

„Тоа движење всушност ми даде надеж дека има поврзаност помеѓу сите нас жените“, вели таа.

Заедно со иранската диџејка Аида, Неса го започнала проектот „Жени, живот, слобода“, компилација од електронска музика од женски ирански артисти. Проектот се надополнува на друга иницијатива која таа ја води и се вика Дип Хаус Техран, платформа која ја претставува работата на андерграунд музичките продуценти.

И Неса и Парамида чувствуваат дека кога една жена оди на електронска андерграунд забава, во традиционална и религиозна земја како Иран, тоа е политички коментар.

„Бидејќи повеќето од работите за кои сме заинтересирани се или табу или забранети, кога почнуваме да ги правиме тие работи ние ги кршиме правилата. Тоа се дела на непослушност и протест“, вели Неса за Би-би-си „100 Жени“ серијалот.

„Фактот дека можам да го правам тоа што е забрането за многу жени во Иран всушност ме прави жив протест“, вели Парамида.

Глобалната музичка денс индустрија е познато дека е доминирана од мажи, но било многу полошо кога Неса и Парамида почнале да пуштаат музика во 2010-тите.

„Сексизмот е сè уште присутен, но е различно“, вели Неса, која како прва диџејка од Иран, е сведок на тоа како сцената се менувала. Сега има најмалку 10 жени диџејки во андерграунд рејв светот во Иран, вели таа.

„Целиот живот ми беше кажувано ‘Не можеш да правиш ова или она бидејќи си жена’, и јас секогаш велев ‘Можам и ќе ви покажам’“, вели Парамида.

„До 25 годишна возраст бев диџејка на најдобрите андерграунд забави и имав своја продукција“, додава таа.

Таа моментално е резидент диџеј во Панорама бар во Бергеин, познат техно клуб во Берлин.

Неса исто така сонува да настапува во Европа. Неколку години по ред нејзините апликации за виза се одбиени, како што им се случува на многу други ирански артисти.

Сепак, добила шанса да настапува на меѓународната сцена. „Во 2017 бев поканета да настапам во Ереван, Ерменија и добив неверојатен фидбек, клубот беше преполн“, вели таа.

Таа сега има едно годишна резиденција во Франција преку Глобал талент.

„Се чувствувам дека морам да работам повеќе и побрзо, бидејќи има повеќе конкуренција“, вели Неса додека се спрема за настап во Ливерпул.

Парамида не била во Иран од 2006 година.

„Еден од моите најголеми соништа е да можам да се вратам назад во Техран и да направам забава. Колку неверојатно добро би било тоа“?, вели таа.

Неса исто така го чувствува тоа.

„Настапите надвор од Иран се ослободувачки, не морам да се плашам дека ќе бидам уапсена. Но ниедно друго место го нема вајбот на андерграунд забавите како во Иран“, вели таа.

Извор: BBC

Прецод: Марта Стевковска

 

Back to top button
Close