Иранските власти испратија официјален одговор на Трамп на неговото писмо

Иран одговори на писмото испратено од американскиот претседател Доналд Трамп во кое повикува на нуклеарни преговори со Техеран, изјави денеска иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи, пренесе новинската агенција ИРНА.

„Тој официјален одговор вклучува писмо во кое се наведува нашиот став во однос на моменталната ситуација“, рече Арагчи, додавајќи дека писмото е проследено до Султанатот на Оман, кој служи како посредник меѓу Иран и САД во отсуство на дипломатски односи.

Арагчи неодамна изјави дека неговата земја е отворена за индиректни преговори со САД, по ултиматумот што Трамп го постави за нов нуклеарен договор.

Во 2015 година, Иран склучи договор во Виена со Франција, Германија, Велика Британија, Кина, Русија и САД за својата нуклеарна програма. За возврат, текстот предвидуваше намалување на меѓународните санкции кон Техеран.

Меѓутоа, во 2018 година, Трамп, тогаш претседател на САД во првиот мандат (2017-2021), еднострано ја повлече својата земја од договорот и повторно воведе строги санкции кон Иран. Како одговор, Техеран ги зголеми резервите на збогатен ураниум на 60 отсто, додека 90 отсто се потребни за производство на атомско оружје.

На 7 март, Трамп рече дека испратил писмо до иранските власти во кое предлага преговори за да се спречи Техеран да развие нуклеарно оружје, заканувајќи се со воена интервенција.

Арагчи минатата недела рече дека писмото на Трамп е „повеќе закана“, но дека се чини дека содржи и можности, додавајќи дека Техеран наскоро ќе одговори.

Техеран и Вашингтон ги прекинаа дипломатските односи по Исламската револуција во 1979 година.

Back to top button
Close