„ИРД инженеринг“ ќе биде консултант и надзор за автопатите на коридорите 8 и 10-д што ќе ги гради „Бехтел и Енка“

Меѓународниот конзорциум „ИРД инженеринг“ ќе биде консултант и надзор за автопатите на коридорите 8 и 10д што ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. Со ова се надминуваат една по една сите пречки за да се започне со реализација на најголемиот инфраструктурен проект, Коридорот 8. Ова на својот фејсбук-профил го објави првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби.

„Државната комисија за жалби по јавни набавки ја потврди правната исправност на постапката за избор на меѓународниот конзорциум ‘ИРД инженеринг’ за консултант и надзор на работниот процес, отфрлајќи ги жалбите поднесени од двете компании ‘Хил’ и ‘Ингероп’. Успешното поминување на овој процедурален чекор овозможува брз почеток на изградбата на автопатот, кој е од големо стратешко значење за развојот на земјата и регионот“ – напиша Груби.

Јавното претпријатие за државни патишта на 14 минатиот месец соопшти дека на тендерот за надзор и правен консултант за изградба на Коридорот 8 и Коридорот 10-д е избрана понудата на „ИРД инженеринг“ во износ од 1 374 304 070 денари. На тендерот, кој беше отворен од 15 септември до 17 октомври годинава, аплицираа и „Ингероп“ која конкурираше со 1 106 040 600 денари, како и „Хил“, со понуда од 1 533 721 722 денари, додаваат од ЈПДП.

По изборот до ЈПДП беа поднесени две жалби од „Хил“ и “„Ингероп“.

Тоа беше втор тендер за таа намена откако првата постапка беше поништена бидејќи избраниот понудувач во предвидениот рок не ја обезбеди банкарската гаранција за навремено и квалитетно извршување на договорот.

Со овој проект е предвидена изградба на автопатските делници Гостивар – Кичево, Тетово – Гостивар, Требениште – Струга – Ќафасан, како и Прилеп – Битола.

За изградбата на автопатите на Коридорот 8, во Буџетот за 2023 година се предвидени 244 милиони евра.

Владата минатата година потпиша меморандум со „Бехтел и Енка”, а Собранието донесе Закон за утврдување јавен интерес и негово номинирање за стратешки партнер за овој проект.

Back to top button
Close