Ирена Мулачка и Мирослава Симоновска наградени за најдобри истражувачки стории на ЗНМ за скандалот “Онкологија
Здружението на новинарите на Македонија вечерва ги додели годишните награди. Како секоја година така и оваа, беа доделени три главни награди: „Крсте Петков Мисирков“ за животно дело, „Јашар Еребара“ за истражувачко новинарство и награда за новинарско известување на теми од локално и регионално значење. Истовремено беа доделени и четири признанија за посебен придонес во промоција на професионалното истражувачко новинарство.
Комисијата за награди во состав Жана Божиновска, Ристо Тасев и Ведат Мемедалија, наградата за животно дело ја доделиja на Соња Николовска, наградата за истражувачко новинарство „Јашар Еребара“ беше доделена на Мирослава Симоновска за сториите „Клиниката за Онкологија во 2017 година го фрлила во подрум системот за следење на цитостатици кој оневозможува да се крадат дози“ и „Потресен исказ за Онкологија во судница: Не ми беше за парите што му ги давав на аптекарот, туку затоа што не ми се даваше терапија“ и Ирена Мулачка за вестите во низа за скандалот со клиниката за онкологија во Скопје, додека награда за новинарско известување на теми од локално и регионално значење замина во рацете Анета Блажевска за сторијата „Како „Мал битолски Монмартр“ ја пречекори ликовната граница и премина во политиката“.
Признанијата беа доделени на колегите Петар Клинчарски, Фисник Џелили, Горан Антевски и колегите од Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ).
Добитниците на овогодинешните награди на ЗНМ се заблагодарија за наградите со најава дека нема да застанат тука, ќе продолжат да креираат и раскажуваат приказни кои јавноста заслужува да ги слушне.
Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски во своето обраќање ги истакна проблемите со кои новинарите се соочуваат секојдневно, но и потребата за меѓусебната солидарност во фелата.
„Професионалноста на новинарите ја гледаме со секоја објава, сторија, истражување. Ме радува фактот што се повеќе акцент се става на истражувачките стории, бидејќи само на тој начин вистината ќе излезе на површина. Изминатава година имавме навистина вредни приказни кои беа објавени и кои оставија печат во јавноста. Дел од нив се у меѓу наградените. Да не заборавиме дека токму овие теми се двигатели на општествените промени за што се доказ и овие награди на ЗНМ за најдобрите меѓи нив“– рече Чадиковски.
Пред присутните се обрати и Жана Божиновска претседателка на Комисијата за награди и рече:
„Велат дека најнеблагодарно е да се оценуваат своите, причина заради која со колегите Ристо и Ведат имавме сериозна обврска при изборот. Прецизно ги разгледавме апликациите, и секоја од нив ја претставува посветеноста на новинарот при изработката, а беше опфатен широк спектар на теми. При изборот, се обидовме да ги одржиме највисоките стандарди на новинарски интегритет, непристрасност и професионален пристап кон темата. Денес доделуваме три главни награди и четири признанија, но тоа не значи дека ги славиме само победниците туку и колективниот придонес на сите новинари кои неуморно си ја вршат работата“.
Здружението на новинарите на Македонија искажува голема благодарност до сите заинтересирани новинари за овогодинешниот конкурс