ИРЛ, Хелсиншки и здружението на млади правници бараат темелна истрага и одговорност за случајот „Жан Митрев

Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), Хелсиншкиот комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници преку соопштение до медиумите го повикаа Јавното обвинителство сериозно да му пристапи на случајот со Клиничката болница „Жан Митрев“ и особено да посвети внимание на постапувањето на државните институции при контролата на јавните и приватните здравствени установи.

Со оглед на бројните пријави на граѓани кои деновиве пристигнале во нивните организации, апелираат Јавното обвинителство да ја извести јавноста за преземените мерки во најкус можен рок.

Од ИРЛ, Хелсиншкиот комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници реагираат на вчерашната прес-конференција на Министерството за здравство и останатите државни органи кои учествуваа во неа, посочувајќи дека тие уште еднаш демонстрирале како институциите со содржината и особено начинот на изразување сами ја зголемуваат општата недоверба на граѓаните во институциите.

Ова, потенцираат, доаѓа во моменти кога треба да се разоткријат неправилностите кои резултираа со тешки последици по здравјето и животот на луѓето на што укажа документарецот на ИРЛ „Нечиста крв“.

– Убедливите пораки на министерот Беким Сали дека никој не е над законот, дека нема недопирливи и дека случајот ќе има правна разрешница, веднаш потоа спласнаа со паушални и неумесни изјави дека „ковидот е нова болест и дека ниту една земја не може да потврди дека тоа што го правела за време на пандемијата е медицина заснована на докази“. Неизбежен е впечатокот дека надлежните лица од Министерството за здравство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Лекарската комора и Агенцијата за лекови, кои се обратија на прес-конференцијата, се обидоа да ги релативизираат наодите и изјавите од документарниот филм. Надлежноста за одговори, како и што е веќе вообичаено, ја префрлија на други институции и упатија молба до јавноста и медиумите за повеќе време, за надлежните институции да ја утврдат фактичката состојба, стои во реакцијата во која се посочува дека сите институции веќе биле запознаени со истражувањето на ИРЛ неколку месеци пред документарното истражување да биде објавено.

Дополнително, нагласуваат, дел од наводите кои беа изнесени, дека спорната метода не е дел од општоприфатените протоколи за лекување, беа познати уште на самите почетоци на нејзиното практицирање.

– Сепак, конкретни мерки не беа преземени. Дополнително, семејствата на пациентите реагирале во изминатите две години до институциите, но не добиле повратен одговор дали нешто воопшто е преземено. Поради ова граѓаните се обратија до редакцијата на ИРЛ. Дел од нив имаат поднесено и кривични пријави, како семејството Брезеви, кои повеќе од осум месеци чекаат на правна разврска, за кривичната пријава поднесена за начинот на лекување на починатиот Никола Брезев во клиничката болница „Жан Митрев“. Фактите кои ги презентираше Министерството за здравство требаше да ја убедат јавноста дека во ланецот на одговорност за случајот „Нечиста крв“, Центарот за јавно здравје е прва институцијата која ја прима информацијата дали во некоја од здравствените установи има интрахоспитални инфекции. Но, на прес конференцијата немаше претставник од оваа клучна установа, што укажува на недоволна транспарентност и отвора дополнителни сомнежи, се наведува во соопштението.

Според овие организации, останува нејасно, зошто ниедна институција не реагирала пред објавата на документарниот филм, со оглед на фактот што хемофилтрацијата била со месеци агресивно рекламирана на телевизиите од сопственикот на болницата, доктор Жан Митрев, особено затоа што претходниот министер за здравство, Венко Филипче, кој беше на позиција кога Ковид пандемијата стана реалност, ја убедуваше јавноста дека методот на хемофилтрација (филтрација на крвта) не е испитан, ниту пак медицински гарантира спас од коронавирусот, кој однесе илјадници човечки животи во државава.

Граѓаните кои се соочиле со проблеми во здравствениот систем, како што информираат, може да се обратат за бесплатна правна помош, секој работен ден од 10 до 14 часот, на следните адреси: ИРЛ – Булевар „Илинден“ 47-2, 1000 Скопје; +38976302307; [email protected] , Хелсиншки комитет за човекови права – ул.„Наум Наумовски Борче“ 83, 1000 Скопје; 02/3119-073 и 072/278-436; лица за контакт: Наташа Петковска [email protected]; Ина Џугуманова [email protected]; Тона Карева [email protected]; Славица Анастасовска [email protected] и Македонско здружение на млади правници – ул.„Донбас“ 14-1/6; тел. 02/3220-870, моб. 072/223-963; лице за контакт: Весна Дишлиоска, [email protected]

 

Back to top button
Close