ИРЛ наградена за најдобра истражувачка сторија во регионот на Западен Балкан и Турција
„EU Investigative Journalism Awards 2025” е регионално признание, финансирано од Европската Унија, а организирано од „Thomson Media”, меѓународна непрофитна организација која работи на развој и зајакнување на медиумските вештини ширум светот.

Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) е добитник на првата награда на ЕУ за 2025 година за најдобра истражувачка сторија во регионот на Западен Балкан и Турција во конкуренција на 284 пријави.
Сторијата за која новинарите на ИРЛ Маја Јовановска и Бојан Стојановски се стекнаа со ова исклучително значајно одликување се однесува на случајот „Адитив“.
Во него репортерите открија како биле наместени тендери за набавка на адитиви против згура во термоцентралите РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј, а државниот буџет на Македонија бил оштетен за неколку милиони евра.
Истражувањето со наслов „Службеничка од пошта ги штитела централите на ЕСМ од пепел, ‘пеплосан’ државниот буџет“ ИРЛ го објави во јуни 2024 година. Потоа доведе до апсење на повеќе лица во земјава, меѓу кои државни функционери и директори.
Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, поднесе обвинение против 31 физичко и пет правни лица.
Меѓу обвинетите се и поранешниот директор на државното претпријатие Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), Васко Ковачевски, кој е во бегство, како и поранешниот директор на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ.
Освен тоа, случајот резултираше и со оставка на претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска. Преку вештачењето на мобилните телефони на обвинетите се откри дека таа му оддавала службени тајни на екс-директорот на ТЕЦ Неготино и запрела постапки во ДКСК за тендерот за набавка на адитивите за РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј.
…






