ИРЛ- Слабееме со вијагра и штетен сибутрамин, државата одбива да нè заштити
Ако сакате да добиете бесплатен и „ефикасен“ чај за слабеење потребно е да направите две едноставни работи: да го заследите профилот на позната инфлуенсерка на социјалната мрежа „Инстаграм“ која потоа од вас ќе побара да го заследите и профилот на брендот чаеви „Трекс“. Но, „магичните“ чаеви што топат масти тоа го прават со помош на дрога и вијагра. ИРЛ открива дека и покрај заплените на Царината, Обвинителството прави клучни и наивни грешки поради што илјадници граѓани, од кои голем дел малолетни девојчиња, остануваат незаштитени и изложени на отровни супстанци забранети во ЕУ и САД.
Известуваат: Лила Караташева, Пелагија Младеновска; Илустрација: Лука Блажев
Летото е најпрофитабилно за индустријата за убавина и здравје. Во овој период од годината, се засилуваат рекламите на социјалните мрежи на сите салони за убавина и фитнес центри кои нудат промотивни пакети за разубавување, а особено за брзо слабеење.
Таргет на овие реклами се жени и често малолетни девојчиња кои сакаат да постигнат совршен изглед до деновите испланирани за на плажа. Но, истата публика на социјалните мрежи ја демнат и трговци кои продаваат опасни и штетни производи за слабеење како навидум природно решение со кое посакуваниот изглед се постигнува за кратко време и без труд. Детокс-чаевите и ампулите се „магичната напивка“ за губење на вишокот килограми.
Продажбата на чаевите и суплементите за слабеење од брендот „Слим лајн“ кои се увезуваат од Кина, а пакуваат и брендираат во Македонија и „Трекс“ чаевите кои нелегално се шверцуваат од Турција, не запира.
Во дел од нивните производи е откриено присуство на забранетата супстанција сибутрамин – скриена состојка во препаратите за слабеење.
ИРЛ во последните две години известуваше за штетите од суплементите и чаевите на овие два бренда. За последиците врз здравјето од суплементите на брендот „Слим лајн“ се известуваше и на Балканот. Кај турските чаеви „Трекс“ се откри присуство на сибутрамин, но и присуство на Sildenafil Citrate USP (вијагра, медикамент кој примарно се користи за постигнување ерекција кај мажите) откако неколку пратки се запленија во Данска и Швајцарија. Потоа чаевите ги забранија во сите земји од ЕУ.
Но, поради неусогласеноста во ингеренциите на државните институции кај нас како Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Министерството за внатрешни работи (МВР) и Царинската управа, овие производи сè уште им се на дофат на граѓаните во Македонија.
Преку инфлуенсерка во филџан
Трговците на производите од брендовите „Слим лајн“ и „Трекс“ не ја пропуштија ниту оваа сезона за промоција на нивните продукти. Уште во февруари годинава профилот „trexteamk“, кој на социјалната мрежа Инстаграм се претставува како официјален претставник за чајот „Трекс“ во Македонија, објави акција во која подарува чај. Заштитно лице на оваа кампања е Ана Петровска, инфлуенсерка од Скопје. Таа на социјалните мрежи рекламира различни брендови, но редовно споделува и рецепти за здрава исхрана. Петровска има 39 илјади следбеници на Инстаграм од кои поголемот дел се жени кои ги следат содржините кои ги објавува.
Целото истражување на ИРЛ.МК