Ирвин „Меџик“ Џонсон: Лицето на борбата против ХИВ и СИДА
Додека искусни спортски репортери плачеа поради веста, Ирвин Џонсон, познат на сите како Меџик, беше присебен. „Поради ХИВ со кој се заразив, ќе морам да се повлечам од Лејкерс“, изјави со одлучен глас тогаш 32-годишниот кошаркар, на 7 ноември 1991 година.
Тој додаде дека не добил СИДА, туку само ХИВ. Пред прес-конференцијата тоа му го потврдил и доктор Мајкл Мелман. Клупскиот лекар на Лејкерс го повикал кошаркарот за да му ја соопшти лошата вест.
„Кога првпат ми кажа, помислив ‘Човеку, ќе умрам, готово е’. А тој рече: ‘Не, не е така’“, изјави Џонсон подоцна за јавниот сервис ПБС. Доктор Мелман му рекол дека мора да зема лекови и да научи да живее со вирусот. И така тој може да живее долго време.
Случајот на Џонсон го шокираше светот
Тогаш, во раните деведесетти години, јавноста веруваше дека ХИВ инфекцијата е еднаква на смртна пресуда. Затоа прес-конференцијата на Џонсон предизвика шок во САД. Некои дури го споредија тој шок со оној по објавата за смртта на Џон Кенеди по атентатот во Далас во 1963 година или со оставката на Ричард Никсон по аферата Вотергејт во 1974 година.
Меџик Џонсон тогаш беше спортска суперѕвезда. Со Лејкерс пет пати го освојуваше шампионскиот прстен во НБА, а три пати беше прогласуван за најкорисен играч. Целиот свет го знаеше.
Дотогаш, многумина сметаа дека СИДА е болест која ги погодува само хомосексуалците или зависниците од дрога. Но, Џонсон не беше ниту едното ниту другото. „Сега ќе бидам портпарол на оваа тема бидејќи сакам луѓето да разберат колку е важен безбедниот секс“, рече Џонсон.
„Понекогаш мислиме дека само хомосексуалците го добиваат вирусот, дека тоа не може нам да ни се случи. Но, стојам тука за да кажам дека тоа може да се случи секому, дури и мене, Меџик Џонсон.“ „Сите треба да бидат внимателни“, додаде тој.
Два месеци претходно, во септември 1991 година, Џонсон се ожени со својата девојка Куки. На прес-конференцијата тој рече дека неговата бремена сопруга не е заразена. Подоцна објави дека го добил вирусот за време на незаштитен секс со друга жена.
„Ефектот Џонсон“
Во далечната 1991 година ја основаше фондацијата Меџик Џонсон, која финансиски поддржуваше кампањи и организации за борба против СИДА. Оттогаш Џонсон не престана да се залага за болните и за заразените и да зборува за болеста. Пред четврт век, на Светскиот ден за борба против сидата, тој беше еден од главните говорници. Тој болеста ја нарече „државен непријател број еден“.
Американските научници пред неколку години утврдија дека објавата на Џонсон од 1991 година довела до голем скок на бројот на мажи кои се тестирале за ХИВ. Ова особено се однесувало за хетеросексуалните црни и латино мажи, а најмногу во американските градови кои имаат НБА франшизи.
Кариерата на Меџик тогаш не заврши. Наредната година, во 1992 година, тој беше во таканаречениот дрим-тим, репрезентацијата на САД која го освои златото на Олимписките игри во Барселона победувајќи ја Хрватска во финалето.
Во Лејкерси се врати дури во сезоната 1995/96, а потоа се повлече. Лејкерси потоа го повлекоа од употреба неговиот дрес со број 32. Тој влезе во Куќата на славните во 2002 година. Подоцна, тој играше малку за шведски тим кој го купи.
Милијардер и филантроп
Денес Меџик има 65 години. Заработените пари на спортскиот паркет ги вложил успешно – во недвижнини, кина, осигурување, Старбакс. Магазинот Форбс го проценува неговиот имот на околу 1,2 милијарди долари.
Неговата фондација ги поддржува не само проектите за борба против СИДА, туку и оние кои се занимаваат со образование, здравство и со социјалните потреби на луѓето. Џонсон е секогаш тука за лично да ги поддржи, често со сопругата и децата.
Кога се заразил, на пазарот постоел само лекот зидовудин (АЗТ). Денес, има многу повеќе лекови кои помагаат да се намали количината на вирусот во телото до прифатливи граници. Доколку овој третман е успешен, имунитетот на пациентот се опоравува и тој може да живее нормално. ХИВ сега се смета за вирус кој може добро да се лекува доколку се открие навреме – иако не може целосно да се излечи.
Сепак, постои голем јаз меѓу глобалниот север и југ. Се проценува дека денес околу 40 милиони луѓе живеат со ХИВ, повеќе од половината во јужна Африка. Една четвртина од заразените во светот не добиваат никаков третман.
Меџик Џонсон никогаш немал СИДА. „Не сум излечен. Само што ги земав моите лекови“, рече тој еднаш. „Го правам она што треба и фала му на Бога што ХИВ во моето тело е некој начин мртов. Не сакаме ништо да го разбуди.“ (dw)