Исечени шеесетина липи и костени во Охрид за да се прави нов булевар – градоначалникот вели биле стари и болни
По реакциите во јавноста и од еколошките здруженија за овој масакр на стариот дрворед, од Општината велат дека 49 липи и 13 костени се дрва со надмината физиолошка и биолошка возраст, дрва нападнати од карантински болести и штетници со значителни физички оштетувања по разни основи и заболени дрва кај кои не постои можност за успешно санирање на нивната здравствена состојба
Новиот градоначалник на Охрид Кирил Пецаков пред два дена потпишал решение со кое се сечат липи и костени на улицата „Македонски Просветители“ за да се направи булевар.
По реакциите во јавноста и од еколошките здруженија за овој масакр на стариот дрворед, од Општината велат дека 49 липи и 13 костени се дрва со надмината физиолошка и биолошка возраст, дрва нападнати од карантински болести и штетници со значителни физички оштетувања по разни основи и заболени дрва кај кои не постои можност за успешно санирање на нивната здравствена состојба.
„Овие стебла се наоѓаат на потегот од пресекот со Кеј ‘Македонија’ до пресекот со ул. ‘Даме Груев’ и ќе бидат отстранети при изведување на првата фаза од реконструкцијата на булeварот ‘Македонски Просветители’. На потегот се наоѓаат и 10 млади стебла од јавор кои ќе бидат пресадени на друга локација, а по завршување на градежните активности, согласно предвидениот проект ќе биде засаден нов дрворед со соодветни садници“, велат од Општина Охрид.

Децениски дрворед, 76 стебла се корнат за да се спроведе некаков нов проект, реконструкција на улицата „Македонски просветители“… Наместо да се адаптира и новиот проект кон постоечкиот дрворед, како што се прави во многу градови во светот, овде безмилосно се корнат белите дробови на градот. Но, некој ќе рече, ќе се посадат нови садници. Да, но додека ја достигнат полната зрелост и капацитет на овие, ќе поминат децении. Зошто мора постојано да се сече, наместо да се бараат поинакви солуции?, реагираат денеска од Охрид СОС и на градоначалникот Пецаков му посочуваат што напишал во неговата изборна програма.
„Во предизборната програма на новиот градоначалник, на страница 25 e наведена мерката 1:5, односно за секое исечено дрво да се посадат пет нови. Според ова, на улицата ‘Македонски просветители’ би требале да се посадат нови 380 садници. Тоа би била новата зелена оаза во градот. Попусти се реакциите, и иницијални, од минатата година, кога се сподели намерата или предлог-проектот, и овие најнови, од повеќе страни, да не се сечат децениските стебла. И така јавното мислење никогаш реално и не се цени од страна на општинската администрација. Повеќе е pro forma. Најбитен е гласот да се добие, а потоа тие си се најдобри менаџери и проектанти на јавниот простор“,
велат од невладината организација.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ викендов присуствуваше на почетокот на изградбата на новиот булевар во Охрид од каде испрати порака дека со работа на локално ниво ќе покажат дека можело да се работи поинаку.