Ишкање на „Северџаните“

Тешко е да се зборува за некакви јасни сознанија како реагира македонската дијаспора, во најширока смисла на зборот, во однос на промените што во изминатите години ги облежаа развојните процеси во Македонија. И тоа најмногу се чини кога станув збор за промената на името на државата, и, следствено на тоа, на уфрлените обвинувања и меѓусебни напаѓања на релација „патриоти“ и „Северџани“ во дијаспората.

Тврдењата изнесени деновиве во написот објавен во порталот Expres.mk, под наслов „Владата призна дека Преспанскиот договор го урива македонскиот национален идентитет“, ја допираат таа проблематика, но во исто време претставуваат груба манипулација и конструкција на факти, со цел да се освојат ситни политикантски поени.

Не повикувајќи се на никакви извори, преку споменатиот напис, чиј автор е Горан Момироски, се пласира вест во јавноста дека станува збор за некаков „скандалозен допис до македонски организации во дијаспората“, во кој “македонската влада бара Македонците во странство да реагираат и да ги надминат катастрофалните последици на Преспанскиот договор по кој Македонците во многу случаи станаа Северномакенци, а македонската нација Северномакедонска“.

Но, не станува збор за никаков допис од Владата, туку за допис испратен до Агенцијата за иселеништво на РСМ од страна на Македонскиот сојуз во Шведска. Дописот е испратен согласно заклучоците од Годишното изборно собрание на Македонскиот сојуз во Шведска (МС), одржано во април годинава, на кое како гостин присуствуваше и директорот на Агенцијата за иселеништво Слободан Близнаковски. Проблематиката што се посочува во дописот на Сојузот на македонските друштва и клубови во Шведска, се однесува на примената на придавките и идентитетските одредници што произлегуваат од Преспанскиот договор. Во дописот, меѓу другото, се вели:

„Четири години по потпишувањето на Преспанскиот договор се забележува, не само во Скандинавија, туку и пошироко, дека термините и одредниците од Договорот од Преспа се проследени со интересна пракса на нивно користење и толкување во меѓународни рамки, гледано токму од аспектот на острите спротивставувања околу тврдењата дека Договорот не задира во прашањата на националниот идентитет.

По потпишувањето на Договорот, шведскиот Институт за јазик и народна меморија укажа дека со употребата на новото (слеано) име на државата, Nordmakedonien (Северна Македонија), ќе се јавуваат нејаснотии во однос на придавката и ознаката за националност. Како што беше забележано од страна на овој институт, можеше да се очекува скандинавските медиуми, без посуштинско и попрецизно познавање на одредбите во Договорот за името, да ги употребуваат слеаните ознаки – nordmakedonsk (северномакедонски/-ска) и nordmakedonier (Северномкедонци).

А тоа и се случува. Медиумите во Скандинавија  често известуваат со користење токму на придавката „северномакедонски “ политичари, уметници или спортисти, или пак кога се повикуваат на „северномакедонски медиуми“. Некои туристички агенцији во Данска, Норвешка и Шведска нудат аранжамни со посети на „северномакедонски винарии“, викенд-тури за Скопје и разгледување на спомениците со „сцени од северномакедонската историја“.

Македонскиот сојуз во повеќе наврати реагираше до медиумите по повод ваквата пракса на известување, по што уследија и извинувања од страна на Шведската телевизија и други медиуми, проследени со ветувања дека ќе се води сметка да не се повторуваат вакви и слични лапсуси и несоодветни идентитески термини во однос на македонскиот јазик и Македонците.

Токму затоа, имајќи го предвид гореизнесеното, се чини дека се отвора голем простор за македонската дипломатија, не само во однос на овие земји, туку и пошироко во слични околности во други земји и региони, да го покаже својот капацитет за да даде свој придонес во читањето и толкувањето на термините и идентитетските одрединци и нивната соодветна имплементација во секојдневниот вокабулар на странските медиуми, со кој директно и ефикасно се комуницира со пошироката јавност. Тоа несомнено би можело да биде и предизвик за дејствување и за бројните организации во дијаспората“, се констатира во дописот на Македонскиот сојуз од Шведска, кој Агенцијата за иселеништво деновиве го дистрибираше на адресите на иселеничките друштва, клубови и црковни оштини со кои располага во својата база на

Тоа е вистинскиот бекграунд зад споменатиот допис, кој апослутно не е напишан во кабинетот на македонската Влада, туку во канцеларијата на Македонскиот сојуз во Шведска. Можеме да се согласиме дека не е спорно оти станува збор за исклучително важна проблематика што бара голем и интензивен ангажман, координиран, пред сè, од страна на македонската Влада и надлежните министерства, и дека дефинирање на една таква рамка на активности, со која би биле опфатени и поттикнувани да дадат свој придонес и македонските организации во дијаспората, несомнено би било од полза.

Но сосема е јасно и тоа дека порталот Express.mk со својот напис пласира паушални, непроверени и неточни тврдења, настојувајќи да изнеси оценки во јавноста дека станува збор за „скандалозни“ политики на Владата, која наводно, како што се истакнува во објавениот напис, „преку Агенцијата за иселеништво бара Македонците во дијаспората, кои никогаш не го поддржаа и прифатија договорот со Грција, да ги елиминираат катастрофалните последици по македонскиот национален идентитет“.

Со таков пристап Express.mk само ја потврдува востановената практика на силни клиентелистички врски меѓу одредени политички партии и медиуми во Македонија, односно практика што добива потврда токму преку ваков вид изнесување (не)проверени факти во јавноста.

Но, во крајна линија, останува нејасно на каков начин со вакви написи ù се помага на дијаспората? Ефектот е пред сè предизвикување на штета и правење мечкина услуга на македонската дијаспора, преку ишкање на „Северџаните“, во чии редови во последните години се засилија недоразбирањата и разидувањата поради општата политизација и политичките подлеби во татковината, а што многумина самоповикани „борци за вистината“, според примерот на авторот на објавениот напис во Express.mk, го злоупотребуваат за постојано да го стеснуваат контекстот во чии рамки македонските организации во дијаспората настојуваат да ги задржат и сочуваат своите контакти и соработка со институциите во татковината.

Ивица Челиковиќ

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close