Исконската надеж

Почитувани читатели, денешната колумна посветена на стечајот на Еуростандард банка ќе ја посветам на мојот исконски порив и верба во надежта, дека правдата за злосторот ќе излезе на виделина.
Верувам во народната, библиска мудрост дека надежта последна умира, дека нејзината светла аура неуморно те опкружува.

Денес, после завршените парламентарни и претседателски избори, полека но сигурно се обликува формата на новата владина структура.

На многумина од нас ни е јасно дека од првите луѓе во владината структура ќе зависи иднината на државата. Доколку врвните позиции во државата ги заземат стручни, чесни и доследни индивидуи, тогаш тоа дава надеж дека нештата во Македонија ќе се променат на поарно.

Јавна тајна е дека Македонија во владеењето на СДСМ и ДУИ, беше заробена држава во која што сите институции, законски обврзани да го штитат интересот на граѓаните и државниот поредок, беа окупирани токму од највисоките чинители во владата на заминување.

За време на кампањите на претседателските и парламентарни избори, сите партии се колнеа дека ќе работат во интерес на секој поединец, создавајќи модерна држава, каде правото и правдата ќе бидат подеднакви за сите.
Нашиот народ и нашите гласачи се научија да казнат недолично владеење. Казнувањето е веќе пракса која се повторува откако Македонија го воведе повеќе партискиот систем на управување со државата.

Не успеавме да научиме дека ние како граѓани имаме право да бараме од партиите што треба да се имплементира во нивното владеење. Но казнувањето во секој изборен циклус не е решение за напредок на државата.

На повидок е формирање на нова влада, влада која по зборовите на идниот Премиер Христијан Мицковски треба да биде посветена на економскиот развој на државата, каде правото и правдата ќе бидат наше секојдневие.
Криминалот и организаторите на криминалот, очекуваме да излезат пред лицето на правдата и да одговараат пред законот.

За жал, свесен сум дека очекуваните резултати за владеењето на правото и правдата ќе бидат тешко остварливи, бидејќи во самата владина структура се имплементирани и веќе се имплементираат партии кои што повеќе или помалку биле дел од минатата влада.

Компромис во борбата со организираниот криминал и корупција не смее да има. Во самото гонење не смее да се прават исклучоци, бидејќи општото чувство на секој поединец е дека криминалот е присутен во сите партии. Тој факт е погубен за нас граѓаните и државата.

Мојата лична надеж за подобро утре е во вербата дека токму владата предводена од господинот Христијан Мицковски ќе отпочне силна борба против организираниот криминал и корупција. Мојата поддршка ќе ја има сѐ додека опстојува на вистинскиот пат.

Во мојата љубов која се вика Република Македонија, изгубив огромен капитал поради нечесните игри на поединци и групи кои владеат со институциите во државата,вклучително, Народна банка, Влада и Собрание. Сакам да ми се врати изгубеното, сакам да бидат казнети сите учесници во овој злостор и сакам да ми се врати чистиот образ кој секогаш бил мојот најголем капитал и животен порив.

Несомнено, надежта во мене е голема, а дали ќе се оствари оставам на времето кое им е на располагање на првите луѓе кои треба да ја формираат новата влада.

Не прифаќам никакви причини да не се отпочне оваа борба веднаш и силно, под било какви објаснувања, оправдувања или уцени. Мора да пораснеме и да ги надраснеме вистинските проблеми со жестока елиминација на сѐ она што ни ја уназадува саканата Македонија.
Надежта не умира последна, надежта живее до последен здив.

Back to top button
Close