Искрено и со разум

                     

На 15 јули народот ја има одлуката во свои раце.

Почитувани, се согласуваме сите, од кога помнам, сите избори  до сега биле најважни, биле историски, пресудни итн. Така ќе биде и на 15 јули. 

Познато Ви е ова нели, дека секоја генерација ја има својата битка. 

Јас искрено и не знам дека мојата генерација имаше некоја своја битка. Немаше ниту можност да има своја битка. На првите парламентарни избори при распадот на СФРЈ немавме право на глас. Се сеќавам на тие први митинзи кои ги следев од плоштадот ми беше интересно затоа што пред тоа немаше такво нешто. Посебно се сеќавам на митингот на Петар Гошев и СКМ-ПДП затоа што настапуваа Леб и Сол со еден мини концерт и ми беше интересно. Потоа доаѓаа други, па трети избори, сите беа историски и најважни. Ја поддржував едно време македонската десница и ВМРО- ДПМНЕ, го напаѓав Бранко, Бучко и све друго што ми стоеше на пат. Кога дојде Грујо во ВМРО-ДПМНЕ го напаѓав и Љубчо. На сите им се извинив. Сите они во однос на Груевски и неговата политика беа поим за државници и демократи. Мојата поддршка кон македонската десница почна да бледнее некаде од 2008 година кога пишував и не се согласував со тужбата против Република Грција за блокадата во Букурешт, а од 1 јули 2014 година ама ич не ги рецкам. Од 2015 година го поддржувам Зоран Заев и ќе Ви кажам зошто. 

Видете, ајде да бидеме искрени пред себе. Секој од нас можеби има безброј причини да се лути на оваа влада, на премиерот, да се лути за многу очекувања кои ги имал а не испаднало баш така, но секој од нас има барем обврска пред овие избори да си го постави прашањето и чесно да одговори пред себе, каде бевме пред три години а каде сме сега, како беше пред три години а како е сега, каде ја гледавме и дали воопшто ја гледавме иднината пред три години, ова се прашања кои мораме да си ги поставиме и на кои мораме да си одговориме. Еден пропагандист новинар од другиот табор, пред некој ден во неговата колумна ги праша граѓаните пред да гласаат да си одговорат дали живеат сега подобро, дали имаат повеќе пари, дали имаат повеќе достоинство и слични работи. Еве веднаш да му одговориме и на ова. Да, огромен дел од нашите граѓани сега земаат поголеми плати, имаат повеќе пари и живеат подобро. Не се само НАТО и ЕУ во прашање, многу работи се различни, има повеќе пари, има повеќе слобода и демократија и има нешто што е најважно, тоа е предвидлива и извесна иднина за нас и за нашите деца, ете тоа најмногу недостасуваше. 

Зошто ќе го поддржам Зоран Заев?   

Еве кратко и јасно, затоа што имаше храброст или како што вели нашиот народ имаше м . . а, да направи нешто за својата земја за што другите немаа храброст или немаа знаење.  

Го запознав случајно во 2008 година кога беше градоначалник на Струмица, преку некои луѓе, мои пријатели таму кои беа во ВМРО-ДПМНЕ. Јас тогаш бев советник на претседателот на Собранието, г-дин, Љубиша Георгиевски, помнам еден од вмровците ме испрати со зборовите да пренесам таму во Собранието кај Љубиша дека овој градоначалник е најдобар до сега што го имала Струмица, не ги дели луѓето по партија и помага на сите, без разлика дали се вмровци или сдсмовци, така ме испратија со тие зборови овие мои пријатели иако на градоначалникот му стана незгодно од тие големи фалби.

Не го заборавив тоа. 

По десетина години Зоки стана премиер. И навистина не приметив дека ги дели луѓето. Продолжи да помага на сите. Го предложи и почна да го спроведува концептот “Едно општество за сите“ и сега некои примитивни националисти од што немаат друга понуда се обидуваат да го газат и рушат не разбирајќи дека го прават тоа на своја штета. Да се надеваме дека ќе разберат и ќе се вразумат. Му пуштија еден куп бомби ама ништо, обични петарди, но внимавајте ниту една не беше некоја суштинска каде што слушаме дека прави нешто криминално или противзаконито, сигурно оние што го мразат очекуваа нешто повеќе ама останаа со прстот во уста, така бар зборат по народ.

 Еве нека кажат оние што знаат дали е така или не е така.

 Но во меѓувреме се случија и многу други работи, нашата Македонија стана и членка на НАТО, почнува преговори со ЕУ, седиме на иста маса со најсилните и најмоќните, го зацврстивме нашиот македонски идентитет во меѓународни рамки што е голема придобивка, македонската економија се придвижи забрзано напред, едноставно се придвижија работите во вистински правец, за жал ни се случи оваа пандемија со Короната, но ќе ја победиме и оваа криза убеден сум. 

Но што е алтернатива од спротивната страна?

Враќање назад со онаа иста политика која веќе ја гледавме една деценија. Повторно проблеми и политички кризи, национализам од сите страни, нема друга понуда, не слушнавме, освен оние лажги со опашки дека ќе го враќале името, ќе поништувале договори, трт милојко, како да не. Ве лажат. Со наведнати глави ќе предат како мачиња во Брисел и Вашингтон, само да се докопаат до власт. Може единствено да прават проблеми околу имплементацијата на договорите и поради тоа да бидеме закочени во преговорите со ЕУ и место за шест години со нив да преговараме шеесет години, само тоа можат, друго не.  

Токму поради тоа, иако поминаа само три години од 27 април 2017 година, треба сите да си го поставиме прашањето каде бевме и каде сме сега како држава. Сепак ќе се сложите, за овие три години се направи многу но остана и уште многу да се направи, треба да продолжиме со оваа политика и по овој пат. 

Затоа сум силно убеден дека ниту македонците, ниту албанците, како и сите наши граѓани, на 15 јули немаат голем избор за кој да гласаат, ќе  донесат исправна одлука и ќе се свртат кон иднината.

Да бидете живи и здрави, се гледаме на 15 јули.           

м-р Глигор Стоименов                                           

Back to top button
Close