Искривена димензија
Македонскава политичка, да не речам политикантска, иако тоа повеќе одговара, е веќе далеку од нормална зашто вакви спинувања на реалноста, вакви извртувања на случувањата и нивните објективни толкувања не се својствени на една здрава, демократска средина. А едновремено и секој обид за (барем) делумно поставување на вистината во центарот на вниманието, за исцртувањето на (барем) скицата којашто понатаму би се развила во подетална слика на вистината е осуден на пропаст зашто не само што власта во континуитет глуми дека „не е од тука“ туку таа зараза веднаш преоѓа и на надлежните државни институции коишто или ги игнорираат конкретните проблеми или даваат недоветни „објаснувања“ на коишто не знаете дали да плачете или да се смеете. Сето тоа во јавноста, кај граѓаните, веќе одамна одзвонува како крајно непочитување на нивната интелигенција, како отворена навреда и шамар на здравиот резон на луѓето. Зашто, кога ги читате немуштите, приглупите соопштенија на надлежните, друго и не можете да помислите. Кога гледате дека ве третираат како лица со посебни потреби – без намера ова да звучи навредливо – кога ви цртаат дека два и два кај нас треба секогаш да бидат пет а не четири како во сите други нормални држави или дека говорот на омраза, на потценување, на навреда врз национална основа ако доаѓа од потенцијалниот коалициски партнер не е тоа што нам ни се чини и никој од надлежните не реагира… тогаш ние веќе имаме сериозен проблем којшто нема врска ни со демократија, ни со систем ниту пак (или најмалку) со некаква објективност, туку тој проблем е ментален, психички, општествено деструктивен и води во крајно непосакувана насока! А ние, и денес, после се’, а по примерот на вчера, живееме некоја целосно искривена димензија на постоењето.
Во таа димензија како да нема место за друго мислење, за дебата, за стручност и компетентност, а нема ни за логика, морал, достоинство… уште помалку за вистина. Недвојбено дека таа и таква димензија некому му одговара. Поточно, одговара на многумина, но, повторно – таа е навредлива за едно огромно мнозинство граѓани кои едноставно не сакаат да бидат третирани како восочните кукли во (се’ уште недопирливиот) Музеј на македонскиот хорор. Зашто тој музеј – ако за тоа страшилиште воопшто и смее да се употреби тој цивилизиран збор – како полека да се излева и во оваа нова македонска димензија со тенденција и од нас да направи слепи, глуви и неми восочни фигури. А можеби тоа е генералната идеја: од Македонија да се направи еден релативно голем музеј на восочни фигури каде кустоси ќе бидат ген-секите на владеачките партии? И кадешто секој четири години ќе не’ вадат за гласање, до моментот дури и за тоа не најдат поссодветно решение?
Последниве шест месеци се веќе индикативни за иднината на оваа држава. Не знам според кои „знаци“ и „анализи“ се водат партиите – а да имаа барем некакви употребливи не ќе беа на ова дереџе! – но нивните штабови, „аналитичари“ и мегафони (кои, главно, отплаќаат стари груевистички долгови) промашуваат во секоја божја работа којашто се појавува како проблем во државава. Ќе се покаже дека пандемијата била најмал од нив, иако и таа ни отвори уште стотина нови „очи“ за неспособноста на државата, на системот, на власта, на поединци – самонаречени стручњаци, вакви или онакви „експерти“, советници итн. Од времето на стапувањето на сцена на оваа т.н. техничка влада ние тонеме се’ подлабоко во неспособноста на државните органи (МВР, здравство сосе онаа неспособна Комисија, култура, животна средина, финансии…), на државните институции и партиските пулени залегнати во нив (Јавното обвинителство, Институтот за јавно здравје, Центарот за управување со кризи, славната ни Агенција за филм, Управата за заштита на културното наследство…), од самоволието на поединци, во диктатот на разноразни еснафски групи, во етнотортурата на партиите и нивните уцени… Сето тоа особено денес, откако почна оваа трка по влада, е десеткратно мултиплицирано според онаа народнана формула „лудиот го работи збунетиот“. И точно е дека ние сите сме збунети зашто, прво, не сме така воспитани, второ, не сме учеле такви современи „школи“, и трето – сепак внимаваме на сопственото (морално/етичко) однесување. Што очигледно се покажува како хендикеп – воспитен, образовен, културен… – што пак денешниве партии обилно и секојдневно го користат.
Што му преостанува на обичниот граѓанин, кои механизми – освен (се’ уште) изборните – ни се достапни за коментар, критика, изјаснување за актуелните „политики“, за кое и да е’ незадоволство… ? Речиси ниту еден. Освен социјалните мрежи и делумно порталите бидејќи другите медиуми се строго политикантски парцелисани. Оттаму и онаа навалица на социјалните мрежи како „рамо за плачење“ или локален Хајд парк, но без никакво – или сосема минимално – објективно влијание. Но, во одредени мигови, токму тој „Хајд парк“ ја отсликува вистинската димензија на политичките, да не речам политикантските, случувања кај нас, сугерира расположенија, дури решенија, но и револт. Зашто, не може едно сериозно Јавно обвинителство да излезе пред народот и туку така да тропне дека секој има право да си ги повлече сопствените пари. И – да остане живо! Кој воопшто го спори тоа право? А зарем онаа дежурна Антикорупциска не го знае тоа „право“ па сепак отвора предмет? И може ли баш така, молчешкум, повторно од тоа Обвинителство, но и не само од него, да помине онаа етничка тирада полна со говор на омраза? Или сите овие игри и уцени околу составувањето на новата влада? Или поскапувањето на струјата со она налудничаво „образложение“? Или тоталната неспособност да се реши проблемот со започнувањето на школската година? И уште колку други горливи проблеми што директно го засегаат граѓанинот, а за коишто тој има сосема поинакво мислење од власта но нема каде да го каже? А што и ако го каже?!?
Златко Теодосиевски