„Ислахане“, тоа „добро место“ како нов инвестициски предизвик во Битола

– Ислахане се училишта кои во Османлиската држава како објекти се појавиле во 1860 година или втората половина на 19 век. Во тоа време, на Балканот првото ислахане се гради во Ниш, потоа ислахане се отвора во Скопје, додека ислахането во Битола се гради од 1894 до 1899 година, а се отвора на 6 октомври во 1902 година, и функционира до 1912 година. Зачувано ислахане денес има и во Солун.Називот „ислахане“ потекнува од турскиот збор ислах што значи добро или добрина, додека хане значи простор или место, односно добро место.

Архитектонски овој монументален објект е во неокласичен и неоренесансен стил главно идентичен на многу јавни институции во времето на султанот Абдулхамид, и со големо влијание на тогашната париска школа. Сите градби на ислахани и идадии биле проектирани од тогашното Министерство за урбанизам во согласност со големината на градот и на населението. Тоа е главно државна емпир архитектура, двокатна со симетрично поставени правоаголни прозорци во три реда, на која влезните елементи на градбата биле украсени со столбови и големи скалила кои давале импозантен изглед на објектот.

-Битолското и Солунското ислахане се последните две сочувани градби на Балканот. За жал, војните, времето и негрижата се отсликани на овој објект кој по предлог на НУ Завод и Музеј-Битола, а со акт донесен од Управата за заштита на културното наследство, е ставен под заштита. Со актот утврдени се границите на доброто и неговата контактна зона, како и режимот на заштита, односно ограничувањата што произлегуваат од заштитниот статус. Рокот за привремена заштита е една година, до кога Завод и музеј-Битола треба да изготват елаборат за валоризација на доброто, со што ќе се овозможи донесување акт за трајна заштита како културно наследство. Објектот се продава, но објектот е заштитен. Не е важно дали сопственик на објектот е приватна или државна институција. Заштитата не зависи од тоа. Објектот мора да е заштитен согласно сите правила и принципи за заштита на културно добро, појасни министерката за култура Ирена Стефоска при увид на објектот во кој се изучувале разни занаети и имал голема улога за развојот за социо-економската состојба на Битола и пошироко, затоа што децата во занаетчиското училиште покрај основно образование стекнувале способности за занаетчиство, а талентираните деца биле селектирани за работа во големите индустриски капацитети и занаетчиството во градот.

Од сочувана фотографија на браќата Манаки, пронајдена во Архивот од страна на истражувачот Роберт Јанкуловски која неодамна ја промовира Министерството за култура, се воочува дека ислахането во Битола функционирало како индустриско школо каде се изучувале браварски, кондураџијски, столарски и шивачки занает, а подоцна и уметнички занаети. Ислаханите функционирале според регулиран статут, а концептот на раководење и работење бил базиран на најновите реформи на Османлиската држава која во голем дел се потпирала на придонесот од ислаханите, и со цел средување на градот, регулирање на улиците и заштита на амбиентот.

-Од аспект на заштитата, занаетчиското училиште познато како Ислахане одамна е евидентиран објект и претставува интегрален дел на секторска студија која се однесува на културното наследство на Битола. Покрај оваа студија каде е евидентирано ова културно добро, во 2016 година од страна на стручни лица на НУ Завод и Музеј-Битола беа изработени заштитни конзерваторски основи на овој потег од градот во кој што е вклучен и објектот на некогашното ислахане, денес меѓу битолчани попознат како објект на „Стар Прогрес“. Заштитата на еден објект не е поврзана со неговата сопственост, таа е врзана само со објектот. Со режимот за заштита на овој споменик на културата, ќе бидат конкретно предвидени сите зафати кои што може и мора да бидат испочитувани во доменот на негова заштита, вели д-р Мери Стојанова, директорка на НУ Завод и Музеј-Битола.

Занаетчиското училиште во Битола било изградено со ферман на султанот Абдулхамид и како ислахане имало назив Индустриски мехтеб или хамидие, а денес 120 години подоцна е пред голем инвестициски предизвик бидејќи има комплексно минато и разновидна иднина.

Марјан Танушевски

Back to top button
Close