Исланд и ние

Речиси по ништо не можеме да се споредуваме со островската земја веднаш под Арктичкиот круг. Исланд е четири пати поголем од Македонија. Има 103.000 квадратни километри (Македонија има 25.000). Исланд има само 400 илјади жители, а Македонија 1,8 милиони. Неговата економија е „робусна“ – проекциите за лани се 35 милијарди долари БДП (проекциите за македонската се 17 милијарди долари). БДП по глава на жител е неверојатен – дури 90.000 долари, што Исланд го става на петто место на светот. Македонскиот е многу скромен – 9.800 долари.
Имаме некои заеднички работи – и двете земји се членки на НАТО, Исланд уште при самото основање на Алијансата. Двете земји речиси во исто време станаа држави (државноста на Македонија беше удрена на 2 август 1944 со АСНОМ, додека Исланд во јуни 1944 стана република и раскрсти со персоналната унија меѓу островот и Данска, под чија власт беше повеќе векови). И Исланд и Македонија не се членки на Европската Унија. Со тоа што Исланд е дел од Европската економска зона, каде што е со уште две од најбогатите европски земји: Лихтенштајн со зашеметувачки БДП по жител од 230.000 долари, и Норвешка со 90.000 долари. И Македонија фактички не преговара со ЕУ, иако официјалниот процес започна со првата меѓувладина конференција во јули 2022. Исланд преговараше две години и ги запре преговорите во 2013-тата и официјално побара од ЕУ да не биде сметан како земја-кандидат во 2015. Македонија нема побарано такво нешто, веројатно нема ни да побара, иако фактички не преговара со ЕУ и нејзиниот европски пат е во целосен ќор-сокак.
И двете земји гледаат како Црна Гора напредува кон ЕУ (оваа недела го затвори 14. поглавје од вкупно 33), а Исланд, додека преговараше, затвори 11. Претставниците на македонските власти велат дека нема ништо љубоморно во напредокот на Црна Гора кон ЕУ (а и на Албанија) и дека евентуалното членство на Подгорица за две до три години ќе биде доказ дека Унијата не го загубила интересот за регионот.
Скопје гледа какви вулкански геополитички ерупции се случуваат на меѓународната сцена и мисли дека удобното седење во крошната на НАТО е доволно. Дека тоа може да ги реши сите проблеми на сегашноста и иднината на земјата (најмногу економска), дека не е ништо страшно да се живее и со сиромаштијата, дека македонската економија нема потреба да влезе во натпревар на европскиот пазар. Дека гаранциите од ЕУ за случувањата по внесувањето на Бугарите во уставот се клучни за опстанокот на државата и дека оваа мала земја е на некој начин предодредена да му поставува услови на блокот. Дека и досега не сме биле дел од ЕУ, па не мора да бидеме дел од неа и во некоја неопределена иднина.
Врските што разделуваат
Тогаш, што е она што ги поврзува Исланд и Македонија? Она што ги „поврзува“ е она што всушност, ги разделува. Лидерствата на двете земји имаат два различни пата како да се соочат со предизвиците на комплицираната сегашност и уште понеизвесната иднина. За Исланд не е доволно што е членка на НАТО од 1949 година. Тој безбедносен чадор не е доволен за да се справи со големите искушенија што доаѓаат од светот и економските неизвесности. Па сегашната влада се врати на идејата за продолжување на преговорите со ЕУ онаму каде што земјата застана во 2015. Исландската влада силно ја промовира оваа идеја меѓу населението и во исто време нејзини претставници ги крстарат европските метрополи и Брисел во своевидна офанзива на шарм за островот далеку на Северниот Атлантик да биде дел од Европа, а не територијата на ничие да мора на патот кон Америка. Исландската влада има идеја што да прави и како да го оствари тоа. За македонската не може да се каже таков квалификатив, освен ако крајната идеја не е да не се биде членка на ЕУ.
Сегашнава влада на Исланд, која е центристичко левичарска, е формирана по изборите во 2024. Уште при нејзиното формирање таа навестуваше дека во 2027 година ќе се одржи референдум за продолжување на преговорите со ЕУ. Последниве месеци, особено по идејата на американскиот претседател Доналд Трамп да го преземе Гренланд, премиерката Криструн Фростадотир (социјалдемократ), почна да зборува дека тој референдум може да се одржи и годинава и неодамна датумот е определен за 29 август.
Министерката за надворешни работи на Исланд, Торгердур Катрин Гунарсдотир, е еден од најпроминентните пропагатори за референдумот, најмногу поради нестабилност во трансатлантските односи. Во оваа бура во глобалната политика таа вели дека Исланд не смее да се остави „сам“. Гунарсдотир за Еуроњуз изјави дека и покрај тоа што Исланд е членка на НАТО, членството во ЕУ ќе ја зајакне економската безбедност на земјата, а воедно ќе обезбеди и дополнителна заштита на нејзината позиција меѓу истомислечките држави.
Таа во средата потпиша договор со шефицата на европската дипломатија и безбедност, Каја Калас, за безбедносно и одбранбено партнерство, особено во арктичкиот регион, кој станува сè поважен од стратешки аспект. Областите на соработка вклучуваат поддршка за Украина, поморска безбедност, сајбер прашања, нови технологии, економска безбедност и врската меѓу климатските промени и безбедноста. Исланд има стратешки важна локација во Северниот Атлантик, нема армија и се потпира на својата безбедност од членството во НАТО и билатералниот договор за одбрана од 1951 година со Соединетите Американски Држави.
Има најмалку две причини зошто исландската влада го забрза процесот за референдум. Последната анкета на Галуп покажа дека 52 отсто од Исланѓаните би гласале „за“ на референдумот, а втората е ескалацијата на заканите од САД. Меѓу тие закани беше и шегата на Били Лонг, номинираниот од Трамп за амбасадор во Исланд, дека земјата ќе стане 52. држава на САД и дека тој ќе биде гувернер. Со тоа итноста доби ракетна брзина.
Еден функционер на ЕУ вака ја објасни таа итност: „Мислам дека тоа што Исланд беше споменат четири пати во говорот на Трамп (на Светскиот економски форум во Давос додека претседателот на САД зборуваше за Гренланд) сигурно ги фокусираше умовите. Тоа мора да е вознемирувачко за мала земја“.
Исланд аплицираше за членство во ЕУ во 2009 година, на врвот на финансиската криза во која пропаднаа сите три негови главни комерцијални банки. Но, владата ги замрзна разговорите во декември 2013 година, кога на власт дојде конзервативна влада, а економијата на Исланд брзо се опоравуваше. Во март 2015 година, Рејкјавик побара повеќе да не се смета за земја-кандидат за ЕУ.
Но, геополитичката ситуација значително се промени во текот на изминатата деценија. Во јануари Трамп објави дека ќе воведе трговска царина од 10 отсто за осум европски држави откако тие објавија дека ќе се приклучат на извидувачка мисија на Гренланд, поради заканите од САД.
„Некои земји рекоа: Во ред, ако ни воведете царини затоа што ние стоиме на страната на Гренланд и Данска, тогаш и ние ќе ви воведеме царини“, рече Гунарсдотир, која припаѓа на центристичката Либерална реформска партија.
Поуки од „Брегзит“
Иако аргументите во прилог на пристапувањето кон ЕУ ѝ се јасни – поголема безбедност во рамките на група од 28 земји во услови на нестабилна глобална перспектива, Гунарсдотир вели дека дебатата за „Брегзит” во Велика Британија е поука за тоа да не се зема ништо здраво за готово.
„Сите знаат за ‘Брегзит’ и сите лаги што беа ставени на маса во тој процес. Нема да биде лесно, но на крајот, знаете, мора да ѝ верувате на нацијата“, додаде таа.
Гунарсдотир дава интервјуа за најважните европски медиуми во кои ја промовира идејата за рестартирање на преговорите со ЕУ. Во разговор за „Политико“ таа рече дека Исланд би можел да ги заврши преговорите за пристапување со ЕУ во рок од „година и пол“ .
Коментирајќи ја неодамнешната анкета на Галуп – 52 наспроти 48 за продолжување на преговорите – таа рече: „Понекогаш не мора да дозволите анкетата да води, туку да водите сами“. На прашањето дали Исланд може да ги победи кандидатите кои се најнапредни во преговорите за членство во ЕУ, како што е Црна Гора, за да стане 28. членка на ЕУ, Торгердур Катрин Гунарсдотир одговори „да“. Сепак, додаде таа, „најголемото прашање, секако, ќе биде рибарството“.
Анкетите покажаа дека иако исландската јавност во голема мера ја поддржува идејата за референдум за ова прашање, тие се помалку сигурни во врска со можноста всушност да станат членка на ЕУ.
Сепак, постојат знаци кои можеби се менуваат. Руската инвазија на Украина во 2022 година, заканата на Трамп да го преземе Гренланд и трговските тензии меѓу САД и ЕУ доведоа до обновен интерес за приклучување кон ЕУ.
Функционерите на ЕУ неодамна одржаа голем број состаноци со исландски политичари. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, минатата година отпатува во Исланд, а годинава ja угости исландскaта премиерка Криструн Фростадотир во белгиската престолнина.
„Разговорот за проширувањето се менува“, изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос за „Политико“. „Сè повеќе станува збор за безбедност, за припадност и за зачувување на нашата способност да дејствуваме во свет на конкурентни сфери на влијание. Ова ги засега сите Европејци“.
Исланд е веќе силно интегриран во ЕУ. Тој е дел од Европската економска зона, што му дава пристап до внатрешниот пазар на ЕУ и Шенген зоната за слободно патување. Европското закондавство речиси целосно е пресликано во исландското. Но има една „квака“: членките на Европската економска зона (Норвешка, Исланд и Лихтенштајн) се обврзани да го пренесат европското законодавство во својот правен систем, но немаат право да учествуваат во носењето закони. Мора да ги пренесат онака како што ги усвојува Европскиот парламент без да можат да влијаат на тоа.
Најголемата потенцијална пречка во обновените преговори повторно ќе бидат правата за риболов, клучна индустрија во Исланд. „На крајот, сè се сведува на рибата, тоа отсекогаш беше проблемот“, рече функционер на ЕУ.
Но, постои една клучна разлика од преговорите пред 14 години и сега. А тоа е „Брегзит”.
Велика Британија и Исланд долго време имаа затегнати односи околу риболовот, впуштајќи се во серија насилни судири наречени „Војни за бакаларот” помеѓу 1950-те и 1970-те. Британија бараше поголем пристап за нејзините рибарски бродови во морската територија на Исланд. Тој тоа го оценуваше како директен удар за неговата рибарска индустрија и неколку пати ја зголемуваше поморската територија околу островот. Британија испраќаше фрегати за заштита на рибарските бродови. ЕУ, штитејќи ги интересите на членката Британија, се закани со трговски санкции кон Исланд. Велика Британија сега е надвор од ЕУ и правата за риболов би можеле да бидат помала пречка. И можеби навистина Исланд би ги завршил преговорите за година и пол. Потоа ќе следи уште еден референдум – за одобрување на членството.
Ставот се менува и во Норвешка
Но не е само Исланд. И од Норвешка почнаа да пристигнуваат такви сигнали. И тоа од конзервативците, кои со децении беа силни противници на членството во ЕУ. Богатата со нафта земја аплицираше за членство во ЕУ во 1992 година, но на референдумот во 1994 тесно победи опцијата „против“. Оттогаш со децении противниците на членството во ЕУ имаа поддршка од околу 55 отсто во анкетите, но последните истражувања покажуваат дека бројката се намалила под 50 отсто. Изгледа дека сѐ е поврзано со безбедносните закани – особено од Русија – поради што Шведска и Финска се приклучија на НАТО, што до пред иназијата на Украина изгледаше незамисливо.
Конзервативната партија на почетокот на годинава доби нов лидер, Ине Ериксен Сореиде. Таа беше министерка за одбрана и за надворешни работи во осумте години кога премиерка на Норвешка беше Ерна Солберг. На изненадување на многумина во Европа (а веројатно и во својата земја) Сореиде во Брисел овие денови изјави:
„Според мене и според мислењето на мојата партија, за нас најдобро би било да бидеме полноправни членки на ЕУ“, рече таа во интервју во четвртокот, додека лидерите на ЕУ се состануваа на самит во Брисел.
„Постојано зборувам за потребата од конструктивна дебата заснована на ЕУ каква што е денес, а не каква што беше во 1994 година… и многу јасно и гласно кажувам дека интересите на Норвешка лежат во рамките на блокот од 27 члена”, додаде Сореиде.
Неодамнешната расправија меѓу Осло и Брисел околу феролегурите (адитиви во производството на челик) ги истакна недостатоците од тоа да се биде надвор од Унијата, рече Сореиде. ЕУ воведе ограничувања за увоз од Норвешка.
Сореиде ја нагласува важноста на закажиниот референдум во Исланд.
„Доколку Исланд потоа одлучи на референдум да ги отвори преговорите, тоа е многу поинаква игра“, рече таа. „Не сугерирам дека она што го прави Исланд само по себе ќе го промени ставот на Норвежаните, но може да доведе до одредени институционални промени, а исто така и до еден поинаков пристап за ЕУ, што ќе ни отежни да бидеме надвор“.
Ине Ериксен Сореиде беше на самитот на лидерите на Европската народна партија во Брисел по повод 50-годишнината од формирањето на групација. Македонскиот премиер Христијан Мицкоски седеше само неколку столчиња подалеку од неа на големата правоаголна маса. Можеби не знаел дека Конзервативната партија од силен противник на членството во ЕУ, стана силен поборник. Можеби потоа веројатно дознал за таа фундаментална промена и можеби ќе треба да направи консултации со Сореиде како таа и нејзината партија го променија ставот, којшто изгледаше гранитен. И можеби ќе разбере дека светот не е оној како што го замислува кога и најбогатите мислат дека членството во европскиот клуб е од огромна корист за нив. И дека нема вечни ставови. Освен кај оние кои малку се разбираат во политиката.
Љупчо Поповски
Извор: dw.com/mk






