Исландската министерка за деца поднесе оставка за скандал стар 36 години

Министерката за деца на Исланд, Естилдур Лоа Торсдотир поднесе оставка откако призна дека пред 36 години добила дете со тинејџер.

Торсдотир изјави дека врската ја почнала кога момчето имало 15 години, а таа имала 22 години и била советник во религиозната група на која членувал тинејџерот Ерик Асмундсон. Кога таа имала 23 години родила дете, кога момчето имало 16 години.

Поминаа 36 години, многу работи се сменија и сигурно денес би постапила поинаку, изјави 58-годишната Торсдотир.

Асмундсон бил дел од верската организација „Вера и живот“ поради домашни проблеми, каде работела Торсдотир.

За скандалот синоќа објави Исландската новинска агенција (РУВ), наведувајќи оти Асмундсон присуствувал на породувањето и поминал една година заедно со детето. Кога Торсдотир го запознала сегашниот сопруг му го искратила правото на Асмундсон да го гледа синот.

Торсдотир иако поднесе оставка од функцијата изјави дека не планира да го напушти Парламентот.

На Исланд границата за согласност на сексуален однос е 15 години, законот забранува сексуални односи со лице помладо од 18 години ако сте негов учител или ментор, ако тие се финансиски зависни од вас или ако работат за вас. Максималната казна за таков прекршок е три години затвор.

Back to top button
Close