Истече хемиска пена на булеварот „Александар Македонски“ во Гази Баба – најавени најстроги казни за фирмата

Синоќа на социјалните мрежи се појавија фотографии за кои скопјани со право се загрижија. Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски информираше дека за нив веќе претходно преземале мерки.

 

„Согласно издадената наредба од Инспекторатот на Град Скопје, беше извршен вонреден инспекциски надзор на булевар „Александар Македонски“ во Општина Гази Баба. Овластените инспектори на Град Скопје веднаш излегоа на терен и направија детален увид во состојбата. На лице место беше затекната алармантна ситуација, од средишната шахта на булеварот беше забележано масивно истекување на хемиска пена на јавна површина, потекната од правен субјект што стопанисува во непосредна близина“, истакна Ѓорѓиевски.

Станува збор за сериозно нарушување на законските прописи и директно загрозување на животната средина, а Ѓорѓиевски рече дека надлежните институции веднаш постапиле.

„Земени се проби од шахтата, од површината на булеварот, како и од пеноматот во сопственост на правното лице. Утре, детално ќе биде анализиран елаборатот за животна средина кој субјектот е должен да го поседува, за да се утврдат причините и евентуалните неправилности во неговите оперативни процеси. Врз основа на утврдената состојба и собраните докази, кон правното лице ќе бидат преземени најстроги санкциски мерки“, посочи тој.

Додаде и дека никакво отстапување нема да биде дозволено, и дека секој што го нарушува законот, ја загадува околината и го загрозува здравјето на граѓаните, ќе се соочи со целосната сила на институциите.

Back to top button
Close