Историјата на Украина и лагите на Путин

Путин изнесе своја верзија на историјата на Украина, наведувајќи дека таа секогаш била дел од Русија. Таквите тврдења можеби им служат на неговите цели, но се неточни. Украина има сопствена илјадагодишна историја.

   

Жени ги веат украинските национални знамиња на Денот на единството. 16.02.2022

Она што е денес Украина, со векови претходно беше оспоруван регион со променливи граници кој падна под контрола на Москва дури во втората половина на 18 век за време на владеењето на Катарина Велика, но дури ни тогаш Руската империја никогаш не успеа целосно да го покори.

Во обид да ја врати денешна Украина во руската орбита, претседателот Владимир Путин го следи добро утврдениот пат на многу руски владетели низ историјата- од Петар Велики до Јозеф Сталин.

Секоја модерна држава, особено во Европа, минала низ векови на промени на границите, во кои емоционалниот товар на национализмот често водел кон барања, ултиматуми и војни за територии, моќ и влијание.

„Комунистичка несреќа“ 

Во неговиот говор во понеделникот вечерта, на моменти намуртен, на моменти лутиот Путин, ја отфрли модерна Украина, објаснувајќи дека нејзиното формирање како независна држава било трагедија и несреќа на комунистичките лидери во 20 век.

Karikatur von Sergey Elkin„Јас сум историчар, и јас така гледам на работите“- карикатура на Владимир Путин. Сергеј Елкин

Аргументирајќи како Украина никогаш историски не постоела пред Советското време, Путин ги обвинуваше еднаш Владимир Ленин, другпат Сталин, за конечно да го насочи гневот кон Никита Хрушчов поради давањето на Крим на Украина во 1954 година.

Како и кај сите историски наративи, во говорот на Путин имаше и елементи на вистина. Украинците и Русите се тесно поврзани источно словенски народи чии судбини биле испреплетувани и одвојувани низ историјата. Но, тој одбра да се фокусира врз периодот на целосната руска доминација врз Украина- свесно заборавајќи дека таа е суверена држава признаена со меѓународни договори, како и од самата Русија пред 30 години. Наместо тоа, тој ја опиша денешна Украина како корумпирана, едвај функционална марионета на САД која е закана за безбедноста на Русија и како таква, по негово видување, нема никаква причина да постои освен во сојуз со Русија.

Полско-Литванската Унија 

И Украина и Русија имаат корени во Киевски Рус (Киевска Русија), трговски центар формиран од Викинзите на реката Дњепар, пред повеќе од 1.000 години, далеку пред формирањето на Москва. Државата е освоена од Монголите на почетокот на 13 век. Москва се ослободува од вазалството дури кон крајот на 15 век.

Денешна Украина не била поврзана со Москва, туку со векови, најпрво била дел од Големото војводство на Литванија од 14 век, а потоа дел од Унијата на Полска и Литванија- голема мултиетничка држава чија територија ги опфаќала денешна Полска, Литванија, Белорусија и Украина (и делови од денешна Русија). Доминантни јазици во источните и југоисточните региони на Унијата биле полскиот и рутенискиот- претходникот на денешните украински и белоруски јазици. Населението го сочинувале Украинци, Полјаци, Белоруси, Литванци, Евреи и Татари.

Востанието на украинските Козаци против полските владетели на средината на 17 век доведува до формирање коалиција со Москва и отцепување на источна Украина од Унијата, како и искажување верност кон царот во Москва во 1654 година. Западна Украина останува дел од Полско-Литванската Унија уште 150 години, се до поделбата на Полска во 1795 и нејзиното бришење од картата на Европа.

Полска се издигна повторно по Првата светска војна и во војната со Советска Русија меѓу 1919 и 1922 година успева да поврати поголем дел од територијата на Украина. Тие територии повторно се вратија под советска контрола по Втората светска војна, иако украинските националисти водеа герилска војна против Советите уште неколку години.

Donezk heute Stalins Porträt bei einer KundgebungПортрет на Сталин на проруски демонстрации во Донбас во 2015 година.

Стремеж за доминација 

„Големата глад“ или Холомодор, наметната врз Украина од страна на Сталин во текот на 1930 години, доведе до смрт на милиони луѓе и посади длабока горчина кај Украинците против советската руска власт.

Тоа што болшевиците ја признаа Украина како посебна социјалистичка република по формирањето на Советскиот сојуз не беше случајност. Тоа беше одраз на засебната историја и идентитет на Украинците, кои секогаш се наоѓале некаде меѓу Западот и Москва, но никогаш не добиле шанса да имаат своја држава сѐ до распадот на Советскиот сојуз во 1991 година.

Наспроти оценките на Путин, мнозинството Украинци не сакаат да бидат дел од денешна Русија, а анти-рускиот сентимент значително се зголеми по анексијата на Крим во 2014 од страна на Русија, и агресијата врз Донбас од про-руските сепаратисти.
Денес, кога руските трупи повторно маршираат во регионот Донбас, се чини дека вековниот стремеж за доминација во регионот, со употреба на сила или дипломатија сеедно, повторно се разгорува.

Back to top button
Close