Историјата не заборава – Наполеон

 

Денеска сакам со вас да споделам чувство кое многу често ми се навраќа во мојата потсвест дали судбината е реалност или фикција. Фан сум на History Chanel, тоа е канал кој длабоко навлегува во толкувањето на историјата која датира од самото појавување на човекот на планетата Земја. Мојата љубов кон историјата се должи прво како мој личен порив, а второ ми служи како наука од која можам да извлекувам поуки, заклучоци за многу нешта кои го обликуваат нашето секојдневие. Најимпресивна поука што јас ја почитувам и длабоко ме погодува е холокаустот од  Хитлерова Германија – тој наратив нѐ подучува дека светот носи еднакво и добро но и зло за секој од нас, без оглед на нашата верска, национална, културолошка различност.

Посебен порив на оваа тема ми остави животниот пат на францускиот император Наполеон Бонапарта. Човек кој потекнува од Корзика, од сиромашно семејство, со своето воено образование и искуство веднаш после Француската револуција се појавува на политичката сцена како војсководец и реформатор на општеството кое во тие далечни времиња имало исклучиво монархистички карактер низ цела Европа. Француската револуција од 1789 година би била утопија доколку не ја обликувал републиката токму Наполеон со носење низа реформи и закони што биле од интерес на севкупната популација на тогашна Франција. Според мене Наполеон му дава смисла на зборот Република со своите закони кои и ден денес се применуваат во модерна Европа.

Наполеон доживува врв и пад. Неговата животна биографија е проткаена со многу воени победи и само една и половина изгубена битка. Зошто велам една и половина, затоа што во битката кај Бородино во Русија меѓу Франција и Царска Русија победник нема. Единствена битка која ја изгубил во својот живот е битката кај Ватерло, денешна Белгија. Сјајот на неговото владеење ја издига Франција во една од најмоќните држави во светот. Животниот пат Наполеон го завршува на Света Елена каде починува осамен во својата 51 година.

Неговата сакана Франција после претрпениот пораз кај Ватерло, го доживува Наполеон како најголемо зло. Неговите мошти се вратени од островот Света Елена во половината на 20 век и денеска лежат во Домот на инвалидите во Париз. Наполеон денес е гордост на секој Французин. Неговите реформи денес се реалност во современиот Европски свет. Во својата Франција е рехабилитиран по сите можни основи како човек кој дал посебен белег на денашна модерна Франција и кој го најави падот на монархистичкото владеење не само во Европа, туку низ целиот свет.

Почитувани и јас минувам свој животен пат, кој ниту во еден момент не сакам да го споредувам со животниот пат на великаните како Наполеон Бонапарта и токму е тоа причината што си го поставувам прашањето дали судбината е реалност или пак судбината на секој поединец му ја крои општеството во зависност од неговата зрелост да ја согледа визијата за иднината на секој поединец. Далеку од тоа дека сум јас визионер како Наполеон, меѓутоа ме мачи длабоко во мене сомнежот дали живеам во општествен систем кој умее да ги вреднува квалитетните луѓе и да им го даде адекватното место во тоа општество или пак ќе дозволиме понекогаш, а не значи дека секогаш, историјата да го толкува вистинскиот придонес на поединецот кој во моментот на неговото дејствување  не бил разбран од општеството.

Мојот порив да ја докажам вистината за стечајот на Еуростандард банка не сум сигурен дали е судбински или е фикција! Не само што го изгубив личниот капитал, туку со мене повлеков и армија на правни и физички лица кои се денес финансиски заглавени во овој стечај, без нивна вина. Велат судбината сами си ја кроиме, сакам да ве убедам дека кројач не сум бил. Ваквите случувања, познавајќи ја својата природа никој пат не  би дозволил да се случуваат најпрво на тој кој што имал доверба во мене и вклучително на самиот себе. Е, токму тука е местото и улогата на историјата. Велат дека и историјата може да се фалсификува, ама вистината никогаш. Фалсификуваната историја со тек на времето оди во заборав. Верувам во цивилизациските вредности на општеството. Ќе ја барам својата правда, а дали е тоа судбина или фикција, времето ќе покаже.

Трифун Костовски

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close