Историчарот Литовски за „Телма“: Целосно се заштитени македонските позиции во препораките на комисијата


„Јасно е дека бугарската страна сака да крева хистерија на некаков триумфализам, меѓутоа од самите текстови на препораките може слободно да се види дека воопшто нема никаква основа за таква хистерија“, вели историчарот Литовски
Нема никаква победа на бугарската историографија во препораките на Комисијата за историски прашања кои вчера ги објавија и македонското и бугарскотот МНР. Ова е ставот на историчарот Александар Литовски кој за телевизија „Телма“ вели дека ако внимателно се читаат препораките се гледа дека со нив целосно се заштитени позициите на македонската историографија. Коментарот на Литовски доаѓа откако дел од бугарски историчари обединети во платформата „Националниот круг за Македонија“ по објавувањето на препораките прогласија прва победа на бугарската позиција во историските спорови со Македонија.

„Јасно е дека бугарската страна сака да крева хистерија на некаков триумфализам, меѓутоа од самите текстови на препораките може слободно да се види дека воопшто нема никаква основа за таква хистерија. Истото го прават и од наша страна некои кругови и со тоа одат во полза на бугарските проекти во Македонија за прогласување на некаква историографска победа“,

вели Литовски за „Телма“.
Освен бугарскиот „Националниот круг за Македонија“ досега за препораките не се огласија членовите на бугарскиот тим во историската комисија, а бугарскотот МНР вчера ги објави препораките, но без одржување брифинг, единствено на официјалниот сајт искажа благодарност за досегашната работа на Историската комисија.

Анализирајќи ги препораките историчарот Литовски вели дека македонската страна не може да се обвини за правење отстапки пред бугарската историографија, посочувајќи го за тоа примерот на препораката за заедничко чествување на Цар Самоил, а за кое во Македонија дел од јавноста веќе го обвини македонскиот тим дека попуштила пред бугарската историографија.

Литовски притоа укажува дека во препораките се гледа отстапка од бугарската страна во делот на толкување на светите браќа Кирил и Методиј како сесловенски просветители кои ја ширеле писменоста меѓу словенските народи, што се разликува од досегашната бугарска позиција дека тие се бугарски просветители кои со бугарска азбука ги описмениле другите словенски народи.

„Кај Цар Самоил сосема јасно стои дека тој е владетел на голема средновековна држава, а воопшто никаде не пишува дека е бугарски владетел. Во таа насока фактички отстапувањата се од бугарската страна, каде во нивната историографија има дека Самоил е бугарски цар. Очигледно во препораките таков став не постои. Светите Кирил и Методиј може да се смета дека Бугарија во препораките направи отстапка и прифати дека тие се сесловенски просветители, впрочем онака како што ги третира целата светска и европска историографија. И во таа смисла може да се каже дека Македонија или македонскиот тим од Комисијата извојува една победа“,

е ставот на Литовски.
Во делот на препораката за учебниците по историја за петти клас во Бугарија и шесто одделение во Македонија кои ја третираат антиката, Литовски смета дека и двете страни од Комисијата направиле отстапки, но оти тие биле неопходни.

„Бидејќи некои работи во учебниците, навистина, не држат научна елаборација и не можат да издржат научна критика. Меѓутоа сите овие препораки се правени на реципрочна основа и врз основа на компромис од двете страни, во најмала рака“,

вели Литовски.
Министерствата за надворшени работи на Македонија и на Бугарија вчера конечно ги објави препораките кои ги има дадено Комисијата за историски прашања за заедничко чествување на пет историски личности – светите браќа Кирил и Методиј, Св. Климент и Св. Наум и Цар Самоил, како и по пет препораки за измени во учебниците по историја за петти клас во Бугарија и шесто одделение во Македонија, а кои за да се имплементираат во образовниот процес и во двете земји треба прво да бидат усвоени од владите. Имплементирањето на препораките е предвидено да биде на реципрочна основа.

Back to top button
Close