Историската комисија ја интензивира работата во 2022 година и доби зајакната улога

Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија во 2022 година ја интензивираше работата, a по потпишувањето на вториот билатерален Протокол и усвојувањето на т.н. француски предлог, кои го отворија патот на земјава за почеток на пристапните преговори со ЕУ, работата на Комисијата доби на значење. Со Протоколот, двете држави ја охрабруваат Комисијата да ја забрза својата работа и да се постигнат јасни резултати, во согласност со чл. 8 став 2 од Договорот од 2017.

Нејзината работа и минатата година се следеше со посебен интерес од јавноста, особено стручната. Членовите се пожалија дека нивната работа често била мета на манипулација, на паушални и неаргументирани заклучоци со цел да бидат злоупотребени, како и за свесно инструментализирање на нејзината работа заради остварување на политички цели.

Според аналитичари, предизвик за Комисијата, пред се, за македонскиот тим, и понатаму останува решавањето на отворените прашања што произлегуваат од различните погледи за минатото и како тоа да се постигне на еден современ начин кој подразбира мултиперспективност и меѓусебно почитување.

 

Интензивирањето на темпото на работа на историчарите, минатата година, следеше како резултат на новиот ентузијазам во билатераните односи меѓу двете земји и зајакнатиот политички дијалог по изборот на новата Влада во Софија (13 декември 2021) предводена од Кирил Петков.

Одржани се шест средби на историчарите од двете земји, а усвоени се две групи препораки – за заедничко одбележување историски личности и за корекции во дел од учебниците, како резултат на досегашната работа на Комисијата

Календарот и динамиката на средбите на Историската комисија во 2022 година беа договорени од копретседавачите од македонска и бугарска страна, Драги Ѓоргиев и Ангел Димитров, на состанок што го одржаа во рамките на заедничката седница на владите на двете земји на почетокот од минатата година (25 јануари), а во консултација со членовите на Комисијата.

Првата средба во 2022 година Историската комисија ја одржа во Софија на 24 и 25 февруари. Во заедничкото соопштение по средбата, беше посочено дека таа поминала во конструктивна и отворена атмосфера и дека бил постигнат одреден напредок, но без конкретни детали.

Следеше средбата на 31 март и 1 април во Скопје, на чиј дневен ред беа забелешките дадени од бугарската страна за средновековниот период за нашите учебници по историја за седмо одделение, откако беа разгледани македонските забелешки за бугарските учебници за шесто одделение. И оваа средба поминала во позитивна атмосфера, оцени тогаш Ѓеоргиев.

 

Наредната средба се одржа на 12 и 13 мај во Софија, а во дискусиите кои се воделе биле разменети неколку предлог идеи за препораки за учебниците од основно образование кои се однесуваат на средновековниот и раноосманлискиот период.

На 17 јули 2022 година беше потпишан вториот Протокол за спроведување на Договорот за добрососедство со Бугарија и усвоен е т.н. „францускиот предлог”, со што беше предвидено дека во рок од еден месец двете држави треба да ги објават веќе усвоените препораки од досегашната работа на Историско-образовната комисија. Тоа се усогласените препораки за заедничко одбележување на Св. Кирил и Методиј, Св. Наум Охридски, Св. Климент Охридски и цар Самуил и по пет препораки за учебниците по историја за 5. клас во Бугарија и за 6. одделение во Северна Македонија, кои се однесуваат на периодот на антиката. Препораките потоа беа усвоени од страна на Заедничката меѓувладина комисија формирана согласно со Договорот за пријателство и во исто време,  министерствата за надворешни работи на двете земји на 15 август ги објавија на своите официјални интернет-страници.

Копретседателот на македонскиот тим во Комисијата, Драги Ѓоргиев, по објавата на препораките, на прес-конференција, говорејќи во однос на учебниците, појасни дека се оди на тоа да се менуваат работи кај кои има недоразбирање и кои можат да придонесат за нарушување на односите меѓу двата народа и двете држави и кои можат кај младите генерации да предизвикаат тензии, омраза итн. Ѓоргиев оцени дека периодот на 19 и 20 век ќе биде еден од најтешките за кои ќе расправа Комисијата и нагласи дека нема по секоја цена да се носат решенија за историските недоразбирања, што постојат меѓу македонската и бугарската историографија.

 

На македонскиот тим историчари на септемврискиот состанок му се придружи Димитар Љоровски, историчар и професор во Институтот за национална историја – Скопје. Како што соопшти МНР, Љоровски, кој е експерт за доцно османлискиот период, беше назначен за нов член на Комисијата на местото на Ванчо Ѓорѓиев, кој поднесе оставка. Тема за дискусија на состанокот во септември беше содржината на учебниците по историја за седмо оделение во земјава и за шести клас во основното образование во Бугарија.

На средбата немаше договор во врска со средновековната историја, ниту во однос на евентуалното заедничко чествување на Гоце Делчев.

– Врз основа на претходно утврден дневен ред членовите на Комисијата разговараа за учебниците по историја, кои ги третираат периодот на средновековната историја и евентуалното заедничко чествување на Гоце Делчев. Во однос на учебниците по историја, тема на дискусија беа средновековните црковни институции и нивното значење за христијанството и словенската писменост и култура. Со оглед на долготрајноста на дискусијата, по оваа тема членовите на Комисијата не отворија други теми. Дискусијата по оваа и другите теми за учебниците по историја ќе продолжи на следната средба, која би требало да се одржи кон крајот на октомври оваа година, соопшти тогаш нашето МНР.

Во меѓувреме, македонскиот тим историчари во заедничката Историска комисија доби зајакнување со асистенти – тројца историчари и двајца администратори, кои треба да придонесат за поефективно работење на Комисијата. Министерот за надворешни работи Бујар Османи на редовниот брифинг со новинарите кој се одржа по септемвриската средба, информираше дека е формиран Секретаријат на Комисијата составен од помошници, кои ќе им помагаат на членовите со свои мислења и познавања на одредена тема, а ќе ги обезбедуваат и потребните материјали. Договорите со нив ќе ги склучува МНР, а Османи увери дека Министерството нема да се меша во изборот на асистентите и дека нив ќе ги предлага исклучиво Комисијата.

 

– Тоа ќе биде цел Секретаријат во функција на поефикасно подготвување и функционирање на Историската комисија, а нивниот степен на подготвеност ќе биде исклучително важен за динамиката на нивната работа, рече Османи.

Копретседателот на Комисијата Ѓоргиев тогаш рече дека и досега членовите на Комисијата имале консултации со многу нивни колеги историчари, но очекува овој Секретаријат да ја забрза динамиката на работењето на Комисијата.

Октомврискиот состанок се одржи во Софија, но за резултатите од него не беа објавени информации во јавноста. На 24 и 25 ноември историчарите се состанаа во Скопје. Се разговорало во позитивна атмосфера и на истите теми како и на последните три состанока – за учебниците по историја и по конкретно за Охридската архиепископија и како таа да се претстави во македонските учебници за седмо одделение, но дискусиите завршиле без конкретни резултати.

Според Ѓоргиев, договор не бил постигнат поради „недоразбирања околу изворите и различното толкување на минатото”.

– Тие различни пристапи во толкувањето на изворите од средновековието прават и ние да имаме различен пристап во правењето на препораките за учебниците. И тоа е очигледно еден од главните камења на сопнување во работата на Комисијата, изјави по средбата Ѓоргиев.

Според него, овде станува збор за препораки за надминување на недоразбирања во учебниците и ниво подобрување, а пристапот кај колегите од бугарскиот тим е што тие сакаат овие прашања да ги кренат на ниво на дебата на историографии.

Во однос на забелешките дека нема мултиперспективност, туку дека бугарската страна инсистира на еднострано толкување, копретседавачот на бугарскиот тим Ангел Димитров рече дека во науката и историјата не може да има две гледишта на вистината.

 

Темата за тоа како да се претстави Охридската архиепископија во македонските учебници по историја ја разбранува и јавноста во земјава, па македонскиот тим историчари во експертската Комисија за историски и образовни прашања реагираше со деманти и објаснувања. Изразувајќи разочарување на некоректното информирање во јавноста, тие посочија дека се пласираат лажни информации дека се решава црковното прашање на МПЦ-ОА.

– Предмет на работата на Комисијата се прашањата за претставувањето на историјата на Охридската архиепископија во учебниците по историја за основно образование во двете држави, нејзината улога и значење за Христијанството и словенската писменост и книжевност, а не црковно-теолошки прашања или утврдување на статусот на МПЦ-ОА или, пак, нејзино дефинирање во национална смисла, наведоа од македонскиот тим.

Тоа беше последната средба на Историската комисија во 2022 година. Првата во 2023 година треба да се одржи во февруари во Софија, на чиј дневен ред останува точката за претставувањето на Охридската архиепископија во македонските учебници. Расправата за бугарските учебници е завршена пред година и половина и донесени се седум препораки кои треба да бидат применети.

Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања е формирана врз основа на членот 8 од Договорот за добрососедство, пријателство и соработка од 2017 година, на паритетна основа, и треба да придонесе „за објективно и научно толкување на историските настани, засновано на автентични историскиизвори кои се базирани на докази”, со цел продлабочување на  заемната доверба. Двете земји со Договорот се обврза и да организираат со заемна согласност заеднички чествувања на заеднички историски настани и личности, насочени кон зајакнување на добрососедските односи во духот на европските вредности. Правилникот, односно начелата и методологијата за нејзината  работа двете страни заеднички го усвоија на првата средба на Комисијата во јули, 2018 година, заснован на принципите за заемно разбирање и академска заснованост, и на позитивни европски искуства.

Со Протоколот кој произлезе од Вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија, двете држави го разгледаа спроведувањето на Договорот од 2017. и прифатија мерки за подобрување на билатералната соработка и надминување на отворените прашања во неговото исполнување, кој, меѓу другото, предвидува Историската комисија да разработи и реализира план за работа, кој предвидува одржување на осум до 10 состаноци на годишно ниво.

Back to top button
Close