ИСТОРИСКИ ДЕН

Во земја во која граѓаните имаат слабо памтење, нормално е секој нов ден да е историски.

Според податоците на Државниот завод за статистика, растот на БДП за првиот квартал оваа година е 3,2 проценти. Владата вели дека Македонија е четврта најбрзорастечка економија во Европа. Пред нас се Ирска, Данска и Полска.

Откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт секој ден ни е историски. Соопштенијата од владината веб страница пукаат од историја. Имаме историски стратешки договор со Велика Британија што ќе донесе историски најголемо задолжување. Имаме историски најдобар план за вработување на младите. Историски највисока исплата на субвенции за тутунарите. Историски напредок во решавањето на проблемот со лицата кои се без државјанство. Историски најголема инвестиција на Владата во општините со кредитот од Унгарија. Историски договор со синдикатите на здравството. Историски раст на странските инвестиции. Историски највисока цена за тутун и оризова арпа.

Вицепремиерот Александар Николоски вели дека „историски ден за Македонија е почнување на работите на автопатска делница од Гостивар до Букојчани и Кичево“. Министерот за одбрана Владо Мисајловски зборува за „историски најниско рекордно ниво на корупција досега“. Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска споменува „историски најниска каматна стапка“. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски за предметите за кланот Беланоца-Барони и групата на Раде Штекли вели дека „се само едни од оние предмети кои даваат историски резултати“. Министерот за култура Зоран Љутков напиша дека неговата посета на Осака е историска оти потпишал Меморандум за културна соработка со Јапонија. Министерот за спорт Борко Ристовски вели дека „историски момент за македонскиот спорт е што за прв пат во историјата Македонија ќе има свои претставници на легендарната трка ‘24 часа Ле Ман’”.

Сѐ е историско, па ете дури и Македонскиот народен театар, кој во минатото има добивано многу награди на меѓународни тетарски манифестации, имал историски ден оти добил награда на Стериино позорје во Србија. И Општините што си слават родендени ги рекламираат концертите како најголеми забави во историјата. Па и приватните бизниси, зафатени од историска еуфорија почнаа да рекламираат услуги и производи со историски најголеми попусти.

Кога е ВМРО-ДПМНЕ во прашање сѐ мора да е или најголемо, или историско. Трето нема.

Што е за право, и во Кочани имавме историски најголема трагедија. Во пожар во импровизирана дискотека гинат 62 главно млади луѓе и над 200 се повредени. Ама дури и по таков тектонски потрес за државата, не следи историска ефикасност за искоренување на корупцијата што ја предизвика таа трагедија. Притоа, не зборуваме за бројот на осомничени, упасени и обвинети и за историски судски процес што несомнено ќе следи. Туку, за тоа дека по таква историска трагедија треба и историско менување на навиките за почитување на законите. А тоа – го нема.

Ама пак, во земја во која граѓаните имаат слабо памтење, нормално е секој нов ден да е историски.

Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК

Back to top button
Close