ИСТОРИСКИ ЛАГИ
Супер изгледа оваа парада со ротационите светла на ѓубрарките низ главниот град. Ама тие не се доволно јаки за да ни го осветлат патот кон ЕУ.
Едно е сигурно за овие, последниве избори, а тоа е дека сосем се истроши и испразни од значење зборот „историски“. За волја на вистината почна да се празни уште од почетокот на новата власт на ВМРО-ДПМНЕ по ланските претседателски и парламентарни избори, кога за сѐ што ќе направеа велеа дека е историско по сто пати на ден.
Арно ама, овој пат некако не им беше за фалба дека нивниот кандидат Орце Ѓорѓиевски стана градоначалник на Скопје со историски најмал број гласови. Така што, не ќе е лошо малку да намалат со еуфоријата. Па освен што ликуваат на поразот на СДСМ, нека се свестат зошто и тие се сведоа само на своите лојални гласачи и клиенти.
Е сега, ако веќе зборот „историски“ станува безначаен, со себап можеби ќе се ослободиме и од стегите на историјата, па ќе почнеме да се занимаваме малку и со иднината. Да не речам – Европска унија.
Може владејачката партија колку сака да ги релативизира негативните оценки од годишниот извештај на Европската комисија и да го нарекува „извештајче“. Може колку сака опозицијата да ја обвинува власта дека ја оддалечува земјава од ЕУ. Ама фактот дека трета година по ред не е забележан значителен напредок во клучните области, судството и борбата против корупцијата, покажува дека нас нѐ лажат и власта и опозицијата. СДСМ на која устата им се пенавеше со ЕУ, наместо да нѐ приближи кон ЕУ, успеа дури и во изборна година, кога требаше да покаже најдобри резултати, да го уназади системот. А ВМРО-ДПМНЕ, еве веќе втора година не прави ништо од тоа што го ветуваше во изборната година кога го победи СДСМ.
На нас граѓаните на оваа држава што уште тврдоглаво се држиме само со македонскиот, како единствен пасош со кој сме решиле да одиме во ЕУ, и власта и опозицијата ни должат консензус. Не само за Бугарите во Уставот. Туку за ефикасна јавна администрација, владеење на правото, меритократија, борба против корупција, здрава економска средина, квалитетно образование, квалитетно здравство достапно за сите, департизација на судството, департизација на културата, здрава животна средина, чиста вода, чист воздух… За сѐ што ни ветуваат пред секои избори, за сѐ што ги гласаме, а после нѐ лажат и не го испорачуваат.
Инаку, супер изгледа оваа парада со ротационите светла на ѓубрарките низ главниот град. Ама тие не се доволно јаки за да ни го осветлат патот кон ЕУ.
Целата колумна на Горан Михајловски на сдк.мк






