Историските трауми во гласчките кутии    

„Секоја нација гледа на меѓународните настани низ призмата на сопствената историја“ ќе изјави Хенри Кисинџер во една дебата. Секоја нација – голема или мала, древна или млада.

Вреди да се замислиме над овие зборови. „Столетието на понижување“ е призмата низ која Кинезите гледаат на меѓународните односи, ќе напише овој еминентен аналитичар на поведението на големите сили. Тоа е периодот од 1893 до 1949, време на странски интервенции и потчинување на земјата од страна на Западните сили, Русија и Јапонија. Последниве триесет години, Кина успешно ја лечи траумата преку модернизација на својата економија како основа за трансформација на земјата во голема и моќна светска сила, главен конкурент на Америка денес.

И ние Македонците, припадници на една млада нација, имаме слична историска траума. Растени сме со сознанијата за неправдите, понижувањата, кои ни ги нанеле големите сили на Западот директно или преку политиките на нашите соседи. Растени сме со траумите на поделената татковина во нашата „замислена зедница“, нашата и само наша „етничка“ (не „територијална“) Македонија. Но, за малата држава без излез на море, во срцето на Балканот, патот до излекување на нашата траума е различен. Различен и во некоја смила потежок: нашиот спас е да станеме дел од Западот.

Но, нашата историска траума е толку длабоко вкоренета во нас што дури и сега кога сме членки на НАТО, значи дел од воениот сојуз на Западот, доминантната свест е дека постојано некој од таму работи против нас. Гледајќи на меѓународните настани низ призмата на сопствената историја, не разбираме дека ова е, сепак, нова Европа и дека вината за нашите маки не треба да ја бараме секогаш таму. Имаме и добар пример зад себе. Заврши ерата кога империјалните сили во Европа одлучуваа за судбината на народите, ќе изјави Бадантер на почетокот на Конференцијата за Југославија во 1991 година. И навистина. Големите сили, ЕЗ како организатор, со поддршка од САД и СССР, свикаа конференција на која ги повикаа претставниците на народите на Југославија самите да се договорат за својата иднина.Ни објаснија и го покажаа тоа на македонскиот пример дека и без војна можни се национални решенија за кои некогаш морало да се пролее и крв.

Западот кој историски „го делел и го парчел“ Балканот согласно своите интереси, беше спремен да прифатат секакво решение кое е плод на договор меѓу народите на Југославија: федерација, конфедерација, сојуз на суверени држави или незвисност. Спремни беа да прифата се што е плод на договор меѓу југословенските народи. Но дури тогаш испливаа на површина сите наши слабости, пред се неспособноста за дијалог и компромис, алтернативата на војните. Не умеевме да се договориме, согласно новите времиња во Европа и во светот од почетокот на деведесеттите, тој уникатен момент на триумфот на западната демократија и на еден униполарен свет под водство на Америка.

Така, без договор кој би важел за сите, во воената атмосфера „секој за себе“, различната геополитики на дотогашните републики ја определи нивната иднина, според принцопот: „Што јужније, то тужније“.

Мачната трансформација на самостојна и независна Македонија во мултинационална држава, услов за нејзиниот опстанок, и споровите со соседите, услов за членство во евро-атлантските институции, се разрешуваа со поддршка но и со притисок од Западот. Во свет во кој никој никого не чека, овој притисок ги разбуди сеќавањата на минатото, на нашето „столетие на понижување“. Нацијата одново прогледа на меѓународните настани низ призмата на сопствената историја. Македонски интелектуалци реагираа на овие притисоци со истите зборови од пред едно столетие, за „Курвата вавилонска“ која повторно ни ја крои судбината.

На секој нареден притисок, секој нареден услов за членство во НАТО и во ЕУ, во трите децении независност, се гледаше низ оваа призма, толку блиска до срцата и умовите на мнозинството Македонци: дека, како и во минатото, Америка и Европа сакаат да и наштетат на Македонија. И така, цели 33 години. Доцнејки во евроинтеграциите како единствен спас од нашите историски трауми, децении после војните во Југославија, ете ги истите некогашни слогани во претстојните избори упатени кон соседите, Европа и Америка. „Доста трпевме!“, „Време е да се исправиме“,„Да се спротиставиме“, „Горди повторно“ или нешто во таа смисла. Всушност, целта е да се слее целата историска траума и гнев на македонската нација во гласачките кутии.

Во која насока ќе не одведе тој гнев и тие историски трауми кога ќе се пребројат гласовите?

Денко Малески

Back to top button
Close