Истрага: Со поткуп до инвалидски пензии и пари за туѓа нега
Поголема група лекари, адвокати, вработени во клиники и болници, членови на комисии, како и медицински лица во пензија биле дел од измамничка шема за доделување на пари за туѓа нега и инвалидски пензии. Полицијата поднесе кривична пријава против 49 лица, а 23 се приведени, по извршени претреси на повеќе локации на подрачје на Скопје, Велес, Тетово и Гостивар. По едно лице сè уште се трага.
При извршените претреси одземени се 110.000 евра, 65.000 денари и 100 долари, повеќе мобилни телефонски апарати, нотеси со податоци на должници, како и разна медицинска документација и повеќе факсимил печати.
Две криминални групи
Според МВР, обезбедени се докази за криминално коруптивно дејствување на две организирани криминални групи, кои биле формирани во текот на 2023 година. Членовите на групите прекршувајќи ги законите, ја злоупотребиле службената положба и им овозможувале на граѓани да добијат право на туѓа нега, како и на инвалидска пензија, иако не ги исполнувале условите за тоа. Со тоа предизвикале штета на буџетот и фондовите на државата.
Како се одвивала шемата?
Според Јавното обвинителство, во текот на 2023 година, поранешна вработена на универзитетска клиника, заедно со други двајца осомничени создале злосторничко здружение. Во меѓувреме припадници на групата станале уште деветмина осомничени, од кои двајца како лекари специјалисти биле претседатели на Стручната комисија за издавање на наод, оцена и мислење за потребата од помош и нега од друго лице во рамките на ЈЗУ Општа болница Велес, а останатите лекари специјалисти вработени во ЈЗУ Општа болница Велес, Универзитетска клиника за неврологија Скопје, ПЗУ – ординација за општа медицина и специјалистички ординации од Велес, адвокат од Велес и службено лице во ЈУ Центар за социјална работа – Тетово.
Тие земале поткуп и награди од лица кои сакале да добијат социјална помош, но и поткупувале службени лица за да ја добијат неопходната документација, која ќе им овозможи исплата на средства за туѓа нега.
„Осомничените изготвувале, набавувале и употребувале лажна медицинска документација – медицински упати, отпусни писма, медицински извештаи, резултати од контроли, психолошки тестови, конзилијарни мислења и потврди за медицински помагала“, наведуваат од Обвинителството.
Паралелно, во истиот временски период во текот на 2023 година вработена на Универзитетска клиника за уво, нос и грло Скопје и член на Комисијата за ревизија на наод, оцена и мислење за утврдување на инвалидност при Министерството за социјална политика, заедно со уште неколку лица создале злосторничко здружување, но нивната цел била да се прават малверзации при исплатата на инвалидски пензии.
Обвинителството предложи мерка притвор за 12 лица, куќен притвор за 3 лица, а за останатите осомничени предложени се мерки на претпазливост