Истрагата за бегството на Мемети сè уште трае, изјави Тупанчески и изрази уверување дека ќе заврши со правен епилог

За овој и за другите случаи на бегство на осуденици од затвори во земјава, министерот за правда вели дека треба да се има комплементарен пристап, а тоа, како што истакна, значи каква и да е одговорноста за кој било субјект, таа би требало да биде „индивидуална, потенцирана и констатирана“

Сè уште трае истрагата за бегството на затвореникот Беким Мемети, изјави денеска министерот за правда Никола Тупанчески одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференцијата во рамките на конференцијата „Година на нови можности“.

Министерот за правда вели дека сè уште се констатираат дефектите и недостатоците и изрази уверување дека случајот ќе заврши со правен епилог.

Бегството на Мемети се случи на 12 јануари, додека со службено возило на затворската полиција бил транспортиран од затворот „Идризово“ во Клиничкиот центар поради повреда на левата рака. Во бегството, кое било претходно планирано, беше ранет и еден од затворските чувари.

По случајот со Мемети, во јавноста се појавија информации за уште неколку случаи на бегства на затвореници од казненопоправни установи во земјава, а за дел од нив со обвинувања до власта излегоа и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Знаете дека првиот човек на Управата за извршување санкции е разрешен на една од седниците на Влада и во коментирањето и сугерирањето на тоа каков би требало да биде правниот епилог за сиве овие настани што ни се случуваат, би требало да се има комплементарен пристап, а тоа значи каква и да е одговорноста за кој било субјект, би требало да биде индивидуална, потенцирана и констатирана. Во таа насока значи сè уште трае истрагата, сè уште се констатираат дефектите, недостатоците што беа поврзани со последните настани и јас верувам дека сето тоа ќе има и правен епилог“,изјави денеска Тупанчевски.

Во врска со случајот со бегството на Мемети, Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата ги осомничи командирот на надворешното обезбедување и тројца затворски полицајци вработени во КПУ Затвор „Идризово“ дека сториле кривично дело противзаконито ослободување лице лишено од слобода од чл. 373 в.в чл. 22 од Кривичниот законик, односно дека бегството на осуденикот било подготвено од претходно.

За тројца, Обвинителството побара и доби мерка притвор. На четвртоосомничениот му е одземен пасошот.

По избеганиот Мемети, кој пред себе имал долгогодишна затворска казна за убиство кое го сторил во 2016 година во Мала Речица, е распишана меѓународна потерница
Во меѓувреме, Управата за извршување санкции изврши вонреден надзор во КПД „Идризово“ која констатира повеќе пропусти на затворската полиција и на командирот на одделение во казненопоправниот дом „Идризово“.

Како што соопштија од Министерството за правда, при вонредниот надзор било утврдено дека при донесувањето на одлуката за спровод на Мемети до болница, командирот на одделението дејствувал на своја рака. Имено, кога осуденикот пријавил повреда на левата рака, не била повикана Итна помош, потоа за неговиот транспорт во болница командирот одлучил самиот, без да го извести и да добие согласност од директорот на затворот. Според вонредната инспекција на УИС, на негов предлог Мемети бил сместен на седиштата во вториот дел на комбето помеѓу двајца затворски полицајци од кои еден, кој седел до него, иако бил должен, не го носел службеното оружје.

На 25 јануари, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, на прес-конференција соопшти дека лицето Нафи Авдиоски, кој, според него, е во бегство повеќе од 10 дена, ставал „лајкови“ на негови статуси на социјалните мрежи од слобода, наместо да биде в затвор. Според Стоилковски, Авдиоски бил осуден на осум месеци за делото измама и врз основа на тоа бил сместен во полуотворено одделение во Шутка иако, како што рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, зад себе има 16 кривични дела и исто толку неправосилни пресуди. Тој праша дали врз основа на овие околности, како и дали тој смеел да биде сместен во тој дел од затворот.

По бегството на Мемети, Владата на седница го разреши в.д. директорот на Управата за извршување санкции Марјан Спасовски, а на негово место беше именуван Јовица Стојановиќ.

Back to top button
Close