Истрагата за Кочани заврши,Коцевски ќе си оди?Шансата што му ја дале од ВМРО ДПМНЕ се потрошила

На дневен ред на денешната собраниска седница е и интерпелацијата за работата на Републичкиот Јавен обвинител, Љупчо Коцевски, поднесена од опозициската Левица.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржи интерпелацијата, во интерес на принципите, граѓаните и правдата.

Од партијата велат дека дадената шанса за Коцевски е веќе потрошена и дека тој не ја оправдал поддршката која ја добил.

-Без оглед на суштинските и сериозни разлики што постојат меѓу ВМРО-ДПМНЕ и политичката партија Левица – особено во однос на нивниот политички курс и соработката со СДС – нашата заложба за бескомпромисна борба против корупцијата и организираниот криминал останува цврста, доследна и недвосмислена. Таа борба не смее да зависи од политичките калкулации или од моменталните партнери во опозицијата или власта. Таа борба треба да биде водена од принципи и убедувања – дека државата мора конечно да добие функционален, независен и храбар обвинителски систем, кој нема да молчи пред очигледен криминал, кој нема да трепери пред политички притисок, и кој нема да се претвори во соучесник на тие што ја поткопаа државата. Институциите, во соработка со обвинителството со години молчеа пред огромните скандали, голем дел предизвикани од врвот на СДС и ДУИ, што ѝ се добро познати на јавноста. Тие случаи не се и не смеат да бидат заборавени – туку тие се и денес отворена рана на ова општество. А јавното обвинителство остана рамнодушно и пасивно пред тие извори на неправда. Токму затоа сметаме дека дадената шанса за Љупчо Коцевски е веќе потрошена. Поддршката што тој ја доби не ја оправда.

Наместо реформа и интегритет – добивме молк и сервилност кон власта што беше поразена од народот, вели Никола Мицевски, пратеник и координатор на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“.

Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека нема веќе простор за компромиси со неуспехот и дека време е за одговорност.

Back to top button
Close