Истражување: Инспекторите повеќе ги штитат моќниците отколку јавниот интерес

Над четириест проценти од граѓаните сметаат дека инспекторите во својата работа зависат од градоначалниците. Речиси исто толку граѓани сметаат дека општинските инспектори не се професионални и ефикасни, како и дека наместо да ги штитат граѓаните и јавниот интерес, ги штитат интересите на политичките и бизнис моќници.

Ова го покажуваат резултатите од истражување на јавното мислење за искуствата и перцепцијата на граѓаните за работата на општинските инспекциски служби спроведено од НВО Инфоцентарот, преку телефонска анкета од 12 до 18 мај 2020 година, на национален репрезентативен примерок од 1003 испитаници, а во рамки на проектот „Граѓански мониторинг врз инспекциските служби на локално ниво“, поддржан од Амбасадата на САД.

-Над четириест проценти од граѓаните (42%) сметаат дека инспекторите во својата работа зависат од волјата на градоначалниците. Жителите на скопскиот регион (55%), луѓето со високо образование (51%) и оние на возраст од 35 до 44 години (48%), се најголеми застапници на тезата дека инспекторите се зависни од волјата на градоначалниците. Речиси четири од 10 граѓани (39%) сметаат дека локалните инспектори ги штитат интересите на политичките и бизнис моќници, а нешто помалу од една третина (31%) сметаат дека локалните инспектори се ефикасни и професионални во заштитата на граѓаните и на јавниот интерес, стои во истражувањето.

Недовербата кон институциите кои треба да ги штитат граѓаните и јавниот интерес, се наведува, е се уште голема и тоа го покажува и оваа анкета според која само 7,5 отсто од граѓаните изјавиле дека тие или некој нивен близок пријавиле проблем кај надлежниот општински инспектор. Уште повеќе загрижува податокот дека дури 60 отсто од граѓаните кои пријавиле проблем не се задоволни од постапувањето на општинските инспектори.

Што се однесува до начините на кои граѓаните пријавиле проблем, најчесто тоа го правеле преку интернет-страницата на општината (53%), по телефон (33%) и лично кај инспекторот (31%).

Кога станува збор, пак, за најголемите проблеми со кои секојдневно се соочуваат на локално ниво, граѓаните ги посочиле: јавната чистота, ѓубрето и шутот (19%), бучавата, загадувањето на воздухот и на животната средина воопшто (11%), одржувањето на улиците, тротоарите и патеките (9%), недостигот од паркинг места (9%), водоснабдувањето (5%), издавањето градежни дозволи (3%), како и наплатата на даноци и други јавни давачки (1%).

Жителите на Скопскиот, а потоа на Полошкиот и на Југоисточниот регион најмногу посочувале на проблемите со кои се соочуваат. За 28,6 отсто од испитаниците во Скопскиот регион, најголем проблем претставува управувањето со ѓубрето, шутот и воопшто јавната чистота. Бучавата и загадениот воздух се голем проблем за 18,5 отсто, а за 15,7 отсто од жителите на општините во Скопскиот регион голем проблем претставува и недоволниот број паркинзи, се наведува во анкетата.

Back to top button
Close