Истражување: Младите да бидат вклучени во финансирањето и работата на локалната заедница

– Младите се неинформирани и не се доволно вклучени во локалните политики, заклучуваат од Младинскиот Сојуз-Крушево. На тркалезна маса што се одржа синоќа во просториите на прилепската локална самоуправа, пред младите и претставниците од Општината, Сојузот ги претстави заклучоците од истражувањата. Ова е втора едиција од проектот „Општините-пријатели на младите“ во која се вклучени Општините Прилеп, Струга, Карпош и Кратово.

Според Анелија Митрова од „Младински сојуз Крушево“ се истражуваше шест месеци.

-Имавме истражување последниве шест месеци и имаме заклучоци и препораки до локалните власти. Во Прилеп работевме со Центарот за современа ликовна уметност. Прво имавме он-лајн прашалник со средношколците, студентите, па потоа длабински прашалник за локалните младински организации со Локалниот младински совет. Се работеше на четири индикатори: дали има финансиска поддршка за младите на локално ниво, дали постојат инфраструктура и информациски канали за младите луѓе, дали е функционален Локалниот младински совет и дали постои локална младинска стратегија. Младите луѓе во Прилеп се доста неинформирани и немаат некоја посебна врска со Општината. Наша препорака е дека мора да се соработува и да се создаде врска помеѓу младите луѓе и Општината. Младите одговараат дека не знаат дали постои финансиска поддршка и немале искуство со локалниот буџет, да се зајакнат комуникациските канали со Општината и да бидат вклучени во носењето одлуки на локално ниво, рече Митрова.

Во општините ситуацијата е различна, но генералниот заклучок е дека мора да се работи на информирање на младите, а неинформираноста е една од причините за иселувањето на младите. Треба и да се спроведува новодонесениот закон во јануари годинава.

-Има повеќе причини зошто младите се иселуваат, но една од нив е нивната неинформираност и невклученоста во локалната заедница во донесувањето одлуки. Доколку се информирани и вклучени, сметам дека ќе се намали процентот на иселување. Пријатели на младите значи дека ќе има буџет за младите, канцеларија, служба и оддел кои ќе работат за интересот за младите. Да има акциски план, буџет и ќе кореспондира со новиот закон за Младински политики и младинско учество, донесен во јануари годинава. Според новиот закон, 0,1 насто од локалниот буџет мора да биде наменет за областа – млади, објаснува Митрова.

Цвете Станојоска од прилепската локална самоуправа вели дека голем дел од препораките и забелешките се имплементираат.

-Жалам што младите се неинформирани колку средства се одвојуваат за нив. Препорачувам младите да ја следат веб-страницата, фејсбук-страницата на Општината и податоците кои се јавни. За првпат е основан граѓанскиот парламент во 2017 година и препорачувам младите да се вклучат во него за активно да учествуваат во локалната заедница, вели Станојоска.

Проектот „Општините-пријатели на младите“ ги мапира младинските политики на локално ниво. Ова е втора едиција. Во првата Младинскиот сојуз од Крушево со општините Струмица, Крушево, Центар, а сега работиме со Прилеп, Струга, Карпош и општина Кратово.

Back to top button
Close