Истражување на ИЈЗ: Дел од младите почнуваат со пушење на 9 години, на 13 прво искуство со алкохол

Младите на 9 години почнуваат да пушат цигари, а првото искуство со алкохол го имале на 13 години. Ова се дел од наодите од последниот извештај од Европскиот проект за истражување во училиштата за алкохол и други дроги – ЕСПАД 2024, што го презентираше денеска Институтот за јавно здравје на Република Македонија.
ЕСПАД е најстарата истражувачка иницијатива во Европа посветена на следење на трендовите на употреба на супстанции кај адолесцентите, основана во 1995 година од денешната Агенција за дроги на Европската унија (ЕУДА). Последното истражување во државава беше спроведено во 2024 година во 96 средни училишта и 182 паралелки. Опфатени беа 2831 ученик, од кои 1397 (49,3 проценти) момчиња и 1434 ( 50,7 проценти) девојчиња.

-Највисоката преваленца на употреба на прва цигара (со исклучок на електронски или алтернативни производи) се јавува на возраст од 14 години (10,7 проценти) и 15 години (10,1 процент). Започнувањето започнува уште на 9 години или помлади кај 2,9 проценти од учениците, со мали, но конзистентни проценти на возраст од 10 години (1,6 проценти), 11 години (1,6 проценти) и 12 години (3,1 процент). На возраст од 13 години, стапката се зголемува на 6,3 проценти, истакна Сања Прошева, координаторка на проектот и авторка на истражувањето.
Податоците покажуваат дека 29,6 проценти од сите ученици користеле е-цигари барем еднаш во животот, со поголема преваленца кај момчињата (31,8 проценти) во споредба со девојчињата (27,5 проценти). Во однос на употребата во последниот месец, 11,7 проценти од учениците пријавиле неодамнешна употреба на е-цигари, со речиси идентични стапки помеѓу момчињата (11,6 проценти) и девојчињата (11,7 проценти). Податоците покажуваат зголемување на употребата на е-цигари кај учениците, како во текот на животот, така и во последниот месец, помеѓу 2019 и 2024 година. Употребата во текот на животот се зголемила од 21 процент во 2019 година на 30 проценти во 2024 година, додека употребата во последниот месец се зголемила од 7,2 проценти на 12 проценти во истиот период.
-Податоците покажуваат дека највисоките стапки на прва употреба на е-цигара се јавуваат на возраст од 14 (10,4 проценти) и 15 (10,6 проценти). Започнувањето започнува уште на 9-годишна возраст или порано кај 1,3 проценти од учениците, со помал процент на возраст од 10 (0,9 проценти), 11 (0,9 проценти) и 12 (1,4 проценти) години. На 13-годишна возраст, стапката се зголемува на 6,1 процент, што укажува на значителен пораст на започнувањето во текот на раната адолесценција, рече таа.
Во истражувањето с епосочува дека употребата на алкохол во текот на животот е малку поголема кај момчињата (63,5 проценти) отколку кај девојчињата (62 проценти ), што резултира со вкупна преваленца од 62,7 проценти. Употребата на алкохол минатиот месец покажува поизразена разлика во половите, при што 40,4 проценти од момчињата и 34,6 проценти од девојчињата пријавиле употреба, а вкупната преваленца е 37,5 проценти. Од 2008 до 2024 година, како што рече Прошева, употребата на алкохол во текот на животот кај адолесцентите покажува флуктуирачки тренд. Таа била 61 процент во 2008 година, се намалила на 57 проценти во 2015 година, достигнала врв од 67 проценти во 2019 година, а потоа се намалила на 63 проценти во 2024 година. Ова укажува, како што посочи, на вкупно зголемување во текот на 16-годишниот период, со значителен пораст помеѓу 2015 и 2019 година, проследено со мал пад во најновиот период. Во 2008 година изнесувала 39 проценти, се намалила на 38 проценти во 2015 година, малку се зголемила на 41 процент во 2019 година и повторно се намалила на 37 проценти во 2024 година.

Меѓу учениците, 28,5 проценти изјавиле дека го имале своето прво искуство со алкохол на возраст од 13 години или помлади. Ова однесување било позастапено кај момчињата, при што 34,7 проценти пријавиле рана употреба на алкохол, во споредба со 22,5 проценти од девојчињата. Кога станува збор за интоксикација, 6,7 проценти од учениците изјавиле дека биле интоксицирани за прв пат на возраст од 13 години или помлади. Повторно, преваленцата била поголема кај момчињата (8,3 проценти) отколку кај девојчињата (5,2 проценти). Тешко епизодно пиење, односно пијанство (пет или повеќе пијалоци во една пригода) во последните 30 дена пријавиле 36,5 проценти од момчињата и 30,1 процент од девојчињата, што резултира со вкупна преваленца од 33,2 проценти. Ова укажува дека момчињата почесто се впуштаат во пијанство отколку девојчињата.
Транквилизери или седативи (дијазепам, лексилиум, валиум, хелекс) кои аптеките не би требало да ги издаваат без рецепт, употреба со рецепт во некоја прилика во текот на животот пријавиле 9,9 проценти од момчињата и 12,2 проценти од девојчињата, што изнесува вкупно 11 проценти. Употребата на седативи без рецепт била помала, со 5,7 проценти од момчињата и 7,5 проценти од девојчињата, што изнесува вкупно 6,6 проценти. Употреба на лекови против болки без рецепт за да се „надуваат“ пријавиле 10,3 проценти од момчињата и 9,9 проценти од девојчињата, што изнесува вкупно 10,1 проценти. Употребата на транквилизери или седативи во текот на живот без лекарски рецепт се намалила од 2008 до 2019 година, а потоа повторно се зголемила до 2024 година.
Податоците за употребата на канабис кај адолесцентите покажуваат дека 5,5 проценти од вкупното испитано население пријавило дека користело канабис барем еднаш во животот, 4,3 проценти во последната година, додека 2,6 проценти пријавиле употреба во последниот месец. Поделени по пол, преваленцата на употреба во текот на животот, минатата година и последниот месец кај момчињата е поголема во споредба со девојчињата
-Преваленцата на рана употреба на канабис – дефинирана како прва употреба на 13 години или помлади – е релативно ниска кај учениците. Генерално, 1,3 проценти од учениците пријавиле дека започнале со употреба на канабис на оваа рана
возраст. Кога се анализирани по пол, момчињата имаат повеќе од двојно поголема веројатност од девојчињата да почнат рано да користат канабис, при што 1,7 проценти од момчињата во споредба со 0,8 проценти од девојчињата пријавиле употреба на 13 години или помлади. Преваленцата на употреба на канабис на возраст од 13 години или помлади кај учениците останала релативно стабилна во периодот од 2008 до 2024 година, со мали флуктуации. Генерално, вкупниот процент на ученици кои започнуваат со употреба на канабис на 13 години или помлади нема значителни разлики. Кокаин е пријавен од 1,5 проценти од учениците во текот на нивниот живот, повторно почесто кај момчињата (1,9 проценти) отколку кај девојчињата (1,2 проценти). Минатата година употребата изнесувала 1 процент, рече Прошева.
Во изминатите 12 месеци, еден од четири ученици (25 проценти) изјавил дека се коцкал за пари. Распределбата по пол укажува на тоа дека коцкањето било значително почесто кај момчињата, при што 34 проценти пријавиле вклученост во такви активности, во споредба со само 16 проценти од девојчињата. Онлајн коцкањето (онлајн слот машини, онлајн игри со карти или коцки, онлајн
лотарии и онлајн обложување на спорт или животни) е помалку застапено во целина, но се забалежува родова разлика. Вкупно 15 проценти од учениците пријавиле онлајн коцкање, при што 21 проценти од момчињата и само 9 проценти од девојчињата се вклучиле
во овој облик на коцкање.
Повеќето превентивни активности околу овие негативни појави (42,5 проценти) се случиле во текот на редовното училишно време, главно спроведени од наставници (26,3 проценти).

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска истакна дека во образовниот систем во Македонија одамна е поставен механизам за превенција од употреба на психоактивни супстанци, но тој мора да се менува и надополнува, затоа што се менуваат и трендовите во однесувањето на младите – се намалува употребата на тутунот, но се зголемува употребата на електронските цигари и на тоа мора да се делува. Соопшти дека теми кои се поврзани со грижата за сопственото здравје се застапени во сите одделенија во редовните предмети, особено во природните науки. Но, за да се подигне здравствената писменост, од оваа учебна година со поддршка на Светската здравствена организација воведен е и нов изборен предмет „Учам за моето здравје“ во VII одделение.
Јаневска информираше и дека на почетокот на годинава направени се законски измени со кои основните и средните училишта имаат обврска покрај програми за заштита од насилство, спречување на дискриминација, поголема толерантност и слично, задолжително да спроведуваат и програми за превенција од злоупотреба на алкохол, тутун и други психоактивни супстанци.
Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска истакна дека податоците добиенипреку ЕСПАД не се само бројки, туку тие претставуваат глас на младите, одраз на нивното секојдневие, избори и средини во кои растат. Токму затоа, како што рече, овие резултати се клучни за сите нас – креатори на политики, здравствени и образовни работници и практичари кои имаме заедничка одговорност да создадеме побезбедна и поздрава средина за сите млади луѓе во државата. Потенцира дека наодите од ЕСПАД ќе послужат како цврста основа за унапредување на превентивните програми, зајакнување на интерсекторската соработка и усогласување на националните стратегии со европските политики во областа на јавното здравје.






