Истражување на МЦМС: Корупцијата е на прво место на листата на најголеми проблеми на граѓаните
Околу една третина од граѓаните (33,7 отсто) биле изложени на коруптивен притисок, а 32,9 отсто биле вклучени во корупција
Во 2020 година, вкупно 82 лица биле осудени за злоупотреба на службената положба или поткуп
Граѓаните ги препознаваат судиите, министрите, пратениците, градоначалниците и обвинителите како најкорумпирани
Корупцијата е најголем проблем за граѓаните, за разлика од претходните години кога на првите три места беа егзистенцијалните прашања како невработеноста, сиромаштијата и ниските приходи, или политичката нестабилност. Ова го покажа последното истражување за проценка на корупцијата спроведено од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).
Вкупно 80 отсто од македонските граѓани сметаат дека желбата за брзо лично богатење на оние кои се на власт влијае на широката распространетост на корупцијата. Покрај тоа, значен фактор е и недостатокот на строга административна контрола на корупцијата, неспроведување на законите и недоволна заштита на лицата кои пријавуваат корупција.
Корупција останува неказнива
Иако околу една третина од граѓаните (33,7 отсто) биле изложени на коруптивен притисок, а 32,9 отсто биле вклучени во корупција, сепак, корупцијата останува неказнива. Овој процент, претворен во апсолутни бројки, под претпоставка дека се работи за поединечни случаи, покажува дека станува збор за потенцијално над 550 000 сторени дела.
Во 2020 година, вкупно 82 лица биле осудени за злоупотреба на службената положба или поткуп, односно, стапката на ефикасност на институциите од 0,015 отсто, толкав е процентот на случаи кои се обработуваат наспроти оние кои претпоставуваме дека се случуваат.


Што се однесува пак до подложност на давање поткуп, мал број од граѓаните (4 отсто) рекле дека би платиле, а 17 отсто би платиле доколку можат да си дозволат. За разлика од нив, 45 отсто не би платиле во никој случај, додека 31 отсто не би платиле доколку има друг начин да го решат проблемот. Проекцијата на процентите врз возрасното население покажува дека 750 000 од граѓаните не се подложни на корупција, но, 500 000 граѓани би платиле доколку нема друг начин.

Во овој момент тоа значи ограничен извор на отпор кон обидите за заобиколување на правилата, а со тоа и ограничен човечки потенцијал за колективно спротивставување на корупцијата. Мало охрабрување носи споредбата на соодносот на прифатливост и неприфатливост на корупцијата.
Ако се земат во предвид различните форми на коруптивни практики и се споредат со оние кои не прифаќаат воопшто никакви форми на корупција, соодносот е 63 отсто кои не би прифатиле, наспроти 37 отсто кои би прифатиле такво однесување. Тој сооднос е подобрен во однос на минатите две истражувања кога релациите биле 59-41 и 50-50.
За граѓаните судиите, обвинителите и политичарите се најкорумпирани
Сепак, граѓаните не се оптимисти за намалувањето на корупцијата. Речиси три четвртини сметаат дека постои веројатност или голема веројатност за коруптивен притисок и во иднина. Граѓаните ги препознаваат судиите, министрите, пратениците, градоначалниците и обвинителите како најкорумпирани.

Според нив, речиси секој или повеќето се вмешани во корупција и бројките се движат од 73 отсто кај обвинителите до 80 отсто кај судиите. Овие бројки ги следат и институциите па така, на скалата од еден до пет, каде што еден значи воопшто нема корупција, а пет значи распространетост на корупцијата од највисоко ниво, 75 отсто од граѓаните дале највисоки оценки (четири и пет) за распространетост на корупцијата во судовите, 71 отсто за распространетост на корупцијата во обвинителството и над 66 отсто сметаат дека корупцијата е распространета во Владата и Царината.

Што се однесува до довербата во антикорупциските институции таа како целосна или делумна стигнува блиску до 1/3 од испитаниците. Односно, речиси 33 отсто граѓаните имаат целосна или делумна доверба за справување со корупцијата во Владата, 30 отсто во Министерството за внатрешни работи, а Државната комисија за спречување корупција е на трето место со околу 24 отсто. Довербата во овие институции значително опаднала во споредба со 2019 г. (36,4 отсто во Владата, 39,6 отсто во МВР) и 2018 г. (48,6 отсто во Владата, 50,3 отсто во МВР), а слична е ситуацијата и со ДКСК, недовербата пораснала од 51,9 отсто од 2018, 65,7 отсто во 2019 до 72,7 отсто во 2021 г. Довербата во судовите е околу 22 отсто, а во обвинителството околу 23 отсто.

За МЦМС анкетата ја спроведе ИПСОС. Податоците беа прибирани преку анкета лице в лице која беше спроведена во периодот 27 април 20 мај 2021 на репрезентативен примерок е 1 014 полнолетни лица.