Истражување на „Преспа институтот“: Пораст на еврооптимизмот меѓу граѓаните, Србија се перципира како најголем пријател на земјава

Соседна Србија е државата која македонските државјани сè уште ја сметаат за најголем пријател на Северна Македонија. Сепак, иако најдобро котира помеѓу земјите од регионот, перцепцијата дека Србија е најголем пријател на земјава е опадната во периодот од мај до декември годинава. Од друга страна, за истиот период е зголемен процентот на граѓани кои ги сметаат Европската Унија, САД и НАТО за најголеми пријатели на земјава. Освен за ЕУ и НАТО, зголемен е и бројот на граѓани кои за најпријателска ја сметаат Русија. Најголема заслуга за демократскиот и економскиот развој на земјава, пак, македонските граѓани ѝ придаваат на Европската Унија

Ова, меѓу другото, се дел од заклучоците на истражувањето на јавното мислење спроведено во ноември и декември годинава спроведено од „Преспа институтот“.

ЕУ доминантен одговор на прашањето која земја или сојуз најмногу придонел за демократскиот и економскиот развој на С Македонија

Освен што се перципира за најпријателска земја, по Европската Унија, Србија е втора на листата на држави или меѓународни сојузи за кои македонските граѓани сметаат оти најмногу придонеле за демократскиот развој на земјава. Сепак, генералната перцепција е дека најголем придонес на ова поле има ЕУ. Одговорот дека Европската Унија е најзаслужна за демократскиот развој на С Македонија го дале 20,2 отсто од анкетираните, а заслугите на Србија по однос на ова прашање ѝ го доделиле 18,1 проценти од граѓаните.

На истото прашање во мај годинава, 22,8 отсто од анкетираните ја посочиле ЕУ како најзаслужна за демократскиот развој на земјава, додека 14,7 проценти од граѓаните како одговор на прашањето ја посочиле Србија.

Извадок од анкетата на „Преспа Институтот“

На анкетирањето во декември годинава голем број од граѓаните, односно 18,9 проценти, рекле дека ниту една држава не придонела за развојот на демократијата во земјава.

Покрај за демократскиот развој, анкетата покажува дека граѓаните најголема заслуга ѝ придаваат на Европската Унија и за развојот на економијата на земјава. На прашањето „Која држава или меѓународен сојуз/унија досега најмногу има придонесено за економскиот развој на Северна Македонија“, 26,9 отсто од граѓаните ја посочиле ЕУ. Во мај годинава истиот одговор на ова прашање го дале нешто помалку, или 21, 2 отсто од испитаниците.

Извадок од анкетата на „Преспа Институтот“

Второрангирана, според перцепцијата за најголем придонес во економскиот развој на земјава, е повторно Србија.

По соседна Србија, граѓаните најголема заслуга за економскиот развој на С Македонија им придаваат на Германија, Соединетите Американски Држави и Турција.

Раст на еврооптимизмот

Перцепцијата дека ЕУ е најдобрата опција за државата од мај до декември годинава пораснала за 9,4 проценти, покажува анализата на „Преспа институтот“. Дека ЕУ е најдобра опција за државава, на анкетата во мај се произнеле 61,2 отсто од граѓаните, а во декември на истото прашање овој одговор го дале 70,6 проценти.

Намалена е и перцепцијата дека земјава треба да бара друга алтернатива наместо членството во ЕУ. На прашањето дали на земјава ѝ треба друга алтернатива во мај годинава потврдно одговориле 34,1 отсто од испитаниците, а во декември овој одговор го дале за десет проценти помалку, односно 24,1 отсто од анкетираните граѓани.

Извадок од анкетата на „Преспа Институтот“

Најдобра алтернатива наместо членството на земјава во ЕУ, според 30,3 отсто од анкетираните граѓани е БРИКС. Неврзаните како одговор на ова прашање го дале 24,7 отсто од анкетираните, а 11,2 отсто рекле дека Евроазиската економска унија е најдобрата алтернатива за С Македонија.

Извадок од анкетата на „Преспа Институтот“

Доминантен одговор помеѓу граѓаните зошто сметаат дека земјава треба да бара друга алтернатива наместо членството во Европската Унија е „ќе ни ги сменат историјата и идентитетот“. Вака одговориле 48,8 проценти од анкетираните, а нешто помалку или 40,8 отсто од испитаниците на ова прашање одговориле со „повеќе добиваме одошто добиваме“. Дека на земјава ѝ потребна алтернатива за да не го изгуби јазикот одговориле 28,5 проценти од граѓаните, а 32,1 отсто рекле дека С Македонија има различни вредности од ЕУ.

Извадок од анкетата на „Преспа Институтот“

Петте национални телевизии главен извор на доверба кај граѓаните

Најголема доверба за вести за геополитички прашања, меѓународни односи, како и за важни политички прашања за земјава граѓаните, генерално, имаат во петте национални приватни телевизии. Води телевизија Сител која била посочена за најдоверлив домашен медиум од страна на 20 отсто од испитаниците. Следна е Алсат на која најголема доверба ѝ придаваат 13,8 проценти од анкетираните граѓани, а по неа следуваат Канал 5 и Алфа.

Извадок од анкетата на „Преспа Институтот“

На листата на домашни медиуми во кои граѓаните имаат најголема доверба во поглед на овие прашања имаат и „360 степени“ и Радио Слободна Европа.

Голем дел од испитаниците или 10,5 отсто одговориле дека немаат доверба во ниеден медиум.

Back to top button
Close