Исвиркан британскиот крал

Британскиот крал Чарлс Трети исвиркан за време на неговата посета на катедралата во Личфилд, Стафордшир. Иако кралот беше таму за да се сретне со граѓаните и воените ветерани, настанот беше засенет од протест насочен против неговиот брат, принцот Ендру, и неговата поврзаност со покојниот сексуален престапник Џефри Епстајн.
Додека Чарлс се поздравуваше со насобраниот народ, еден маж од толпата, за кој се верува дека е член на антимонархистичката група „Република“, почна гласно да извикува прашања кои предизвикаа видлива непријатност:
„Колку долго знаете за врската меѓу Ендру и Епстајн?“ – викаше мажот, додавајќи: „Дали побаравте од полицијата да го прикрие случајот за Ендру?“
Кралот реши целосно да ги игнорира провокациите, продолжувајќи да се ракува со поддржувачите, додека дел од присутните граѓани бурно реагираа на извиците, порачувајќи му на демонстрантот да „замолчи“ и да „си оди“.
Овој инцидент се случува во исклучително чувствителен период за Бакингемската палата. Само неколку дена претходно, беше објавено дека кралот Чарлс ги презел последните формални чекори за целосно отстранување на титулите на неговиот брат. Принцот Ендру повеќе нема да смее да ја користи титулата „неговото кралско височество“ ниту називот „Војвода од Јорк“, а во официјалните обраќања ќе биде именуван едноставно како Ендру Маунтбатен-Виндзор.
Притисокот врз кралското семејство дополнително се засили по објавувањето на постхумните мемоари на Вирџинија Џуфре, една од жртвите на Епстајн, која повторно изнесе сериозни обвинувања против Ендру. Палатата во официјално соопштение истакна:
„Нивните величества сакаат јасно да стават до знаење дека нивните мисли и сочувство се со жртвите и преживеаните од сите форми на злоупотреба.“
И покрај тоа што Ендру продолжува да ги негира сите обвинувања, неговото принудно иселување од кралската резиденција „Ројал Лоџ“ во Виндзор го означува неговото конечно исклучување од јавниот живот на монархијата.






