Италија го блокираше германскиот спасувачки брод „Си Воч 5“


Италијанските власти донесоа одлука за задржување на бродот „Си Воч 5“ (Sea-Watch 5) на германската невладина организација, откако екипажот одбил да се закотви во пристаниште оддалечено повеќе од 1.000 километри од местото на спасувачката мисија, јави ДПА.

На бродот му е изречена 20-дневна забрана за пловење и парична казна од 10.000 евра. Инцидентот започна на 15 март, кога екипажот спаси 93 мигранти во меѓународни води, по што властите во Рим наредија бродот да се упати кон специфично пристаниште оддалечено 1.100 километри. Наместо тоа, капетанот одлучил да вплови во многу поблиското пристаниште на Сицилија.

Невладината организација „Си Воч“ го осуди потегот како смислена саботажа на граѓанските операции за спасување на море.

Владата на Џорџа Мелони, која спроведува цврста миграциска политика, пред три години донесе указ со кој ги обврзува спасувачките бродови веднаш по акцијата да се упатат кон точно одредено пристаниште, што хуманитарните организации го критикуваат како системско попречување на нивната работа.

Back to top button
Close