Италија: Конте денеска поднесува оставка на премиерската функција

Една недела по гласањето за доверба, владината криза во Италија повторно се отвора – овој пат формално. Премиерот Џузепе Конте најави оставка на функцијата, што може да доведе до нова влада на Конте, или доколку не успее да обезбеди мнозинство – претседателот Серџо Матарела може да именува нов мандатар. Во опција се и предвремени избори, но италијанските медиуми оценуваат дека до тоа најверојатно нема да дојде.

Во кусото соопштение објавено синоќа, италијанската Влада информира дека премиерот Конте ќе поднесе оставка на 26 јануари, односно денеска.  Од 9 часот наутро се одржува последниот министерски совет на сегашната влада, по што Конте ќе замине во претседателската палата Квиринал за да му ја соопшти одлуката и на претседателот на Република Серџо Матарела.

Според италијанските медиуми, преостануваат две опции за решавање на кризата – формирање влада на национално единство (чиј премиер може да не биде Конте) или предвремени парламентарни избори. Доколку по консултациите со парламентарните сили се утврди дека Конте веќе ја нема неопходната поддршка, тогаш Матарела може да одлучи да ја довери задачата на друго лице. Медиумиште шпекулираат со имиња за евентуалниот нов мандатар, а меѓу нив е и сегашниот министер за надворешни работи Луиџи Ди Мајо.

Додека не се формира нова влада, сегашните членови на Владата во оставка ќе ги извршуваат потребните задачи.

Централно-левичарските партии што ја сочинуваа претходната коалициска влада, Демократската и Движењето пет Ѕвезди, се залагаат премиерот во оставка Конте да ја формира и следната влада. Такво е расположението и меѓу луѓето. Анкетите за јавното мислење покажуваат дека Конте е најпопуларниот премиер во последните 20 години и дека 46 проценти од анкетираните сакаат тој да продолжи да ја предводи извршната власт.

Најсилните опозициски партии на десноцентристичката „Лига“ на Матео Салвини и „Фратели д Италиа“ на Џорџо Мелони не се задоволни само со промена на владата, туку бараат и избори, верувајќи дека во оваа ситуација би имале поддршка од мнозинството од гласачкото тело.

Back to top button
Close