Италијанска вечер на „Охридско лето“

Со концерт на сопранот Дариа Масиеро и пијанистот Андреа Кампора вечер во црквата „Света Софија“ ќе се одржи традиционалната Италијанска вечер на фестивалот „Охридско лето“.

Дариа Масиеро е една од најзнaчајните вокални уметници во Италија. Настапувала со некои од најголемите оперски имиња на денешницата, како и на најпрестижните оперски сцени и на реномирани оперски фестивали. Масиеро, како што соопшти националната установа „Охридско лето“ настапува во водечките сопрански ролји на италијанскиот репертоар како Елизабета во „Дон Карлос“ во Миланската „Скала“ и на фестивалот во Салцбург, таа е Лејди Магбет во „Магбет“ и Лиу „во Турандот“ театарот „Петруцели“ во Бари, Манон Леско во Уметничкиот центар во Сеул, Амелија во „Бал под маски“ во Павиа….

Концертниот репертоар на Дариа Масиеро ги вклучува солистичките сопрански партии во „Сон на летната ноќ“ на Менделсон, „Реквиемот“ од Верди, „Стабат Матер“ од Росини и многу други кои ги изведува низ концертните сали ширум светот.

Андреа Кампора почнал да учи пијано на шестгодишна возраст, завршувајќи ги студиите на конзерваториумот „Н. Паганини“ во Џенова во 1993 година. Истовремено учел композиција, и студиите по композиција ги завршил во класата на Гилберто Боско на конзерваториумот „Џ. Верди“ во Торино во 1999 година, дипломирајќи и оркестарско диригирање на истиот конзерваториум следната, 2000 година. Паралелно со музичките студии, од 1994 година Кампора студира и математика на Универзитетот во Пиемонте, каде дипломира со почести во 2000 година.

По завршувањето на сите студии, успешно ги комбинирал кариерите како композитор, пијанист и професор. Како пијанист, честопати соработува со разни ансамбли во изведбата на камерна музика, но е признат како пијано-придружба на оперски пејачи. Оваа одлика му носи работа како пијанист и соработник во операта во Савона, а подоцна и во театарот во Торино каде еден период е асистент хор-мајстор.

Back to top button
Close