Итна седница на Советот за безбедност на ОН за израелскиот напад во Катар
Советот за безбедност на ОН денеска треба да свика итен состанок за да разговара за нападот на Израел врз раководството на палестинската организација Хамас во Катар, дознава ДПА од дипломатски извори.
Седницата е побарана од Алжир и други земји-членки, наведуваат извори на агенцијата.
Хамас соопшти дека шест лица се убиени во вчерашниот ненадеен напад во Доха, вклучувајќи го и синот на Калил ал-Хаја, највлијателната фигура на исламистичкото движење во странство, и негов шеф на кабинет, пренесе ДПА.
Катар го осуди нападот како „очигледно кршење на сите меѓународни закони и норми“ и „сериозна закана за безбедноста“ на неговото население.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека нападот е одговор на смртоносниот напад на Хамас во Ерусалим во понеделникот, во која две вооружени лица на Хамас убија шест лица, и поради уште еден напад врз војници во Газа.
Катар, заедно со Египет и САД, посредува во војната во Газа меѓу Израел и Хамас, иако преговорите за прекин на огнот се во застој со месеци.
Арапските држави го осудија нападот. Американскиот претседател Доналд Трамп и германскиот канцелар Фридрих Мерц беа исто така меѓу светските лидери кои изразија критики, потсетува ДПА