Ив Гунен : Во Франција годишно 600 филмови го поминуваат филтерот за категоризација за заштита на нанајранливата публика – децата

Во Франција Комисијата за категоризација на филмови просечно годишно прегледува околу 600 филмови, го гледа секој филм дури и анимираните филмови, за да осигура дека нивната содржина нема да биде штетна по децата. Секој филм кој ќе биде дистрибуиран во земјата без оглед дали е француски, американски или македонски мора да добие виза од Комисијата која е основа за авторизација од Министерството за култура за негово киноприкажување, вели во разговор за МИА Ив Гунен советник за меѓународни односи во Државниот совет на Франција и поранешен претседател на ова тело.

– Ние имаме мал парламент, таканаречен парламент на филмот, кој го сочинуваат доктори, психолози, психијатри, филмаџии и сопственици на кина, како и од претставници на Владата. Во овој мал парламент не дискутираме за политика, туку треба да се одговори на само едно прашање – дали конкретниот филм би имал штетни последици по кое било момче или девојче. Како граничници се земени возраста од 12, 14, 16 и 18 години, вели Гунен кој две години (2018 и 2019 година), претседавал со оваа Комисија за категоризација на филмовите.

Запрашан какво е искуството на француската кинематографија, со цензурата во филмот, Гунен вели дека кинематографијата е уметност, но, исто така може да биде и инструмент на власта.

– Од создавањето на кинематографијата кон крајот на 19. век, властите секогаш гледале со сомнеж кон филмот, гледале во него алатка, но и се послужувале со таа алатка. Сомнежот во филмот дека би можел да има и отровно дејство, придонел за примена на цензурата. Од тие причини кон крајот на Првата светска војна создадена е таа прва Комисија за цензура, со цел војниците кои се враќале од фронт да не добијат впечаток дека додека тие биле на фронтот и се бореле, животот нормално си течел, појаснува Гунен.

Запрашан во однос на употребата на филмот во пропагандни цели, што особено било изразено во одредени историски периоди и дали денес може да зборуваме за манипулативна употреба на филмот за промовирање на одредени националистички наративи, тој се согласува со фактот дека филмот може да биде искористен и во пропагандни цели. Ние, вели, ги знаеме филмовите на Лени Рифенштал, која на некој начин го овековечи фашизмот или филмовите на Ајзенштајн кои не толку го величат комунизмот, туку идејата за вечна Русија. Но, кога станува збор за цензурата, подвлекува дека може да се каже дека таа денес во Западна Европа веќе не постои.

– Комитетот што јас го предводев никогаш не цензурирал филмови поради нивната религиозна или политичка содржина. Она што на некој начин Комисијата го правеше е што го ограничуваше пристапот до одредени филмови за најмладите со цел да ги заштити и тоа зависно од нивната возраст, од 12, 16 и 18 години. Значи Комисијата за категоризација не цензурира, туку ги заштитува младите, истакнува Гунен.

Комисијата треба да го погледне секој филм кој ќе биде дистрибуиран во земјата без оглед дали е француски, американски или македонски како би добил виза – авторизација од Министерството за култура за прикажување. Понекогаш визата е проследена со рестрикции во однос на возраста, но во 85-90 проценти од случаите, вели Гунен, станува збор за филмови кои се прикажуваат за целата публика.

Филмовите од американска продукција, кои пристигнуваат веќе категоризирани се прегледуваат затоа што, вели, кај нив постои различен систем на категоризација од францускиот.

– Кај американскиот модел се применува аналитички пристап при што се бележи секоја сцена со голотија, насилство или вулгарна содржина, или палење цигара, а на крајот во зависност од бројот на забелешки го носат филмот до ограничување за поголема публиката, а категоризацијата е со ограничувања до 13 и 17 годишна возраст. Во Франција ние имаме холистички пристап и не сметаме ако има голотија дека тоа е секогаш лошо или кога станува збор за филмови со насилство. Пример е Шиндлеровата листа кој е многу насилен и трауматизирачки, се работи за Аушвиц, за логорите на смрта, се прикажуваат убиства на евреите, покажува колку бил застрашувачки геноцидот. Но, ја покажува и големината на Шиндлер, кој спасува многу евреи од сигурна смрт. Затоа е многу незгодно, комплицирано и деликатно кога треба да одлучите на која возраст деца би можеле да го гледаат, потенцира Гунен.

Запрашан за Северна Македонија, вели таа е суверена земја и оти не е негова работа да дава совети, но имајќи предвид дека во земјава има само четири јавни кина, смета дека не ни е потребна Комисија. – Но, она што вие би можеле да го правите, но и ние во Франција е кога прикажувате француски или американски филмови кои се веќе категоризирани, да ја применувате таа категоризација. Бидејќи ако комитетот во Франција го категоризирал со ограничување за гледачи под 12 години, ние сме Европејци, дел од ист континент и треба да се применуваат истите категоризации, додава тој.

Прашан како ја толкува појавата на гласните барања низ Европа за цензурирање дела на руски творци, поради руската агресија врз Украина, што не е својствено за либералните демократии, кои се поборници на слобода на говор, осуда на говорот на омраза и толеранција, тој го споделува неговиот личен став.

– Сакам да одговорам од личен аспект – треба да се разликуваат две работи. Од една страна да се стави рускиот режим кој е на власт и кој што води една агресорска војна во Украина и од друга страна е сепак големиот руски народ, кој е наследник на една голема култура и кој на личен план го сакам и почитувам, дециден е Гунен.

Како човек вљубеник во филмската уметност, тој негува посебен пиетет кон филмот, а токму филмовите го запознале со нашата земја.

-За мене кинематографијата е прозорец кон светот и бегство од светот. Прозорец затоа што во кино гледам американски, азиски, па и македонски филмови. Ги имам гледано филмовите како „Господ постои името и е Петрунија”, „Медена земја” и се разбира „Пред дождот” и благодарение на тие филмови открив една земја во која никогаш до тогаш не бев бил. Филмот е и еден вид бегство од светот. Кога ќе влезам во киносала и кога ќе се изгаснат светлата се случува еден буден сон, вели францускиот експерт за класификации.

Ив Гунен има огромен интерес кон кинематографијата и врз основа на неговите знаења и информации на полето на филмот, порано неделава одржа предавање во Францускиот институт во Скопје на тема „Цензурата во филмот”.

Back to top button
Close