Иван Џепароски и Душан Стојковиќ добитници на „Книжевен жезол“

– Македонскиот поет Иван Џепароски и поетот од соседна Србија Душан Стојковиќ се овогодинешни добитници на признанието „Книжевен жезол“, што секоја година го доделува Друштвото на писатели на Македонија, за поетски опус со исклучителни естетски вредности на еден домашен и на еден странски автор и го чествува нивното творештво во рамки на манифестацијата „Празник на липите“.

Иван Џепароски (1958, Скопје) е поет, филозоф, естетичар, критичар и преведувач. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје каде што магистрирал и докторирал. Автор е на триесет книги, и тоа: на седум поетски книги, на три поетски антологии, на четиринаесет книги од областа на естетиката и на книжевната критика и на шест теориско-есеистички избори.

За своето творештво ги има добиено наградите „Млад Борец“ (1984), „Димитар Митрев“ (1993), „Парадигма“ (2009) и „Браќа Миладиновци“ (2016). Добитник е и на наградата „Григор Прличев“ (1993) за поетски превод. Работи на Филозофскиот факултет во Скопје како редовен професор по предметите: Естетика, Историја на естетиката и Филозофија на културата.

Душан Стојковиќ (1948, Белград, Србија) е поет, раскажувач, литературен критичар, есеист, преведувач. Уредник е на списанието „Шамадиски метафори“ (Младеновац) и член на редакциите на списанијата „Бдеење“ (Сврљиг) и „Нашата трага“ (Велика Плана). Академик е на Славјанската книжевна и уметничка академија во Варна.

Добитник е на повеќе книжевни награди, меѓу кои и Повелбата на Друштвото на писатели на Србија за животно дело во 2019 година. Автор е на два обемни тома: Поетските стебла на македонската лирика и Македонската проза на српски јазик (2021), и на голем број избори, антологии, прегледи, панорами, критики, есеи. Негови дела се преведени на англиски, шведски, македонски, чешки и италијански јазик. Живее и работи во Младеновац кај Белград (Србија). 

Back to top button
Close