Ивана барала полиција – оператор ја препраќал кај куќен совет
Аудиоснимка од Центарот за итни случаи 112, презентирана денеска во судница, открива драматични моменти од комуникацијата на сега починатата Ивана Јовановска, која на 15 октомври 2025 година телефонски го пријавила својот сопруг Стојанче Јовановски.
Во повикот, Ивана пријавува дека нејзиниот сопруг чува дрога во нејзиниот стан на булевар „Теодосиј Гологанов“ во Скопје, и дека во тој момент е заклучен внатре и не ѝ дозволува да влезе.
„Сакам да пријавам дека во мојот стан сопругот чува дрога“, вели таа во разговорот со операторот, барајќи итно да биде поврзана со полиција.
Од аудиоснимката може да се слушне дека операторот бара дополнителни податоци, меѓу кои и име на сопругот, но Ивана инсистира веднаш да биде поврзана со полиција, без да ги достави сите информации.
Во текот на разговорот, таа директно му се обраќа на сопругот, кој се наоѓал во станот:
„Ќе отвориш или да те пријавам?“ – по што додава „А, сигурен си?“, пред повикот да заврши.
Судот информираше дека овој повик е поврзан со уште еден претходен повик направен истиот ден во 08:38 часот.
Во тој разговор, Ивана барала насоки од операторот како да постапи во ситуација кога некој ѝ го заклучил станот и не ѝ дозволува пристап. Наместо директна интервенција, операторот ѝ предложил да се обрати кај куќниот совет, а доколку не добие помош – да биде поврзана со противпожарната служба.
Ивана појаснила дека куќниот совет нема клучеви од нејзиниот стан и повторно побарала да биде поврзана со полиција. Сепак, операторот повторно ја упатил на куќниот совет, со можност пожарникарите да ја отворат вратата доколку е потребно.
„Не ми е проблем да се скрши вратата“, вели таа во разговорот, нагласувајќи ја сериозноста на ситуацијата.
Крајот на јуни минатата година Ивана го пријавила Стојанче дека ја тепа во Чаир, но дека не ја знае точната локација каде се наоѓаат, а од полицијата и велат да се јави на 112 за да ја лоцираат.
Презентирани се и пријави во системот на МВР, вклучително и пријава поднесена од Цветанка Јовановска, мајка на обвинетиот, како и записници од увидот. Ова било на 20 декември минатата година. Кога операторот прашува „што има таму“, Цветанка одговара: „обид за убиство“. Таа пријавува дека и детето е тепано и удирано и дека емногу вознемирено, а од позадина се слуша гласен плач.
Пријава имало и од мајката на Ивана во август минатата година, дека Ивана била тепана од Стојанче во станот, посочувајќи дека се разведуваат, а таму била за да земе алишта.
Пријава на 113 имало и од маркет во Ѓорче дека „таткото ја тепа мајката пред детето“. Пријавителката рекла дека не ги познава и му вели на операторот „ве молам дојдете“.
Јовановски се товари за телесна повреда, загрозување на сигурноста и наведување на самоубиство, поврзано со трагедијата од март годинава, кога Ивана Јовановска скокна од шести кат во Тафталиџе, при што животот го загуби и нивното шестгодишно дете. објави Скопје1.мк







