Ивана Хаџиванова (психолог): Никој не треба да се носи со ваква загуба или траума сам, поддршката е клучна!
Во интервју за ТРН м-р Ивана Хаџиванова, психолог, гешталт психотерапевт и ЕМДР практичар, дава конкретни насоки за тоа како да ја разбереме тагата и како да се носиме со колективната загуба и траума. Хаџиванова, со долгогодишно искуство во психотерапијата, објаснува како да се справиме со шокот и бесот, кои се природни реакции на трагедија од вакви размери. Таа исто така нагласува колку е важно да побараме стручна помош и да не се носиме со траумата сами, бидејќи поддршката игра клучна улога во процесот на заздравување.
Понатаму, ќе дознаете како ЕМДР терапијата може да помогне при обработката на траумите и како различни психотерапевтски техники, како што се медитација и дишење, играат важна улога во заздравувањето по трагедијата. Психолошката поддршка е неопходна и може да помогне да се избегнат понатамошни психолошки нарушувања.
Прочитајте го целото интервју за да дознаете како да се справите со тешките емоции и да најдете пат кон исцелување во овие тешки моменти.
Трн: Како луѓето да се справат со шокот и тагата што ги предизвикува трагедија од вакви размери?
Ивана: Кога се случува голема трагедија, нормално е да се јави шок – првична реакција на мозокот и нервниот систем кон трауматскиот стрес. Оваа фаза може да трае од неколку часа до денови, при што личноста може да се чувствува дезориентирано, да има чувство на нереалност или да се повлече во себе и да делува отсутно.
Во такви моменти, најважно е да останеме присутни и смирени, создавајќи чувство на безбедност. Луѓето во шок често не можат да се фокусираат, па треба да им дадеме простор да го процесираат слученото. Нивните реакции варираат – може да зборуваат и повторуваат работи, да плачат или да молчат, а сето тоа е нормално.
Нашата улога е да бидеме тука за нив, без да ги присилуваме да зборуваат. Наместо клише-фрази како „Ќе помине“, подобро е да кажеме: „Тука сум за тебе“ или „Гледам дека ти е тешко, што би ти помогнало сега?“. Освен емоционалната поддршка, важно е да им се обезбедат основни потреби како вода, храна и простор за одмор.
По шокот, често следи фаза на силни емоции – тага, страв, гнев или вина. Споделувањето и поддршката од блиските се клучни, а движењето и сонот помагаат за полесно справување со симптомите на стрес. Почетниот контакт е само прв чекор во процесот на долгорочно психолошко заздравување.
Трн: Чувството на немоќ и бес е природна реакција по ваков настан. Како да управуваме со овие емоции и како да ги пренасочиме?
Ивана: Бесот е протест против загубата. Тој се јавува интензивно во втората фаза во процесот на тагување. Позади бесот се неподносливата тага, болка, страв, чувство на немоќ и неприфаќање на преболната вистина.
Вината и бесот може да бидат деструктивни или конструктивни – важно е да не ги потиснуваме, туку да ги канализираме на здрав начин. Овие емоции најчесто се јавуваат при неправда, загуба или беспомошност, но можат да се претворат во позитивна акција – преку помош, солидарност, волонтирање или учество во иницијативи за промена.
Споделувањето со блиски, поддржувачки групи или стручно лице помага во процесирање на овие чувства. Физичката активност, прошетки или плачот носат олеснување, а уметноста и креативното изразување се добар начин за изразување на емоциите, особено за младите.
Заедничките ритуали, религијата и молитвата можат да донесат утеха. Прекумерното следење вести зголемува вознемиреност, па е корисно да се прават паузи од информациите и да се фокусираме на она што можеме да го контролираме.
Справувањето со бесот и лутината не е брз и едноставен процес.
За жал, конкретнава енормна трагедија и колективна загуба, содржи фактори поврзани со нејзиното настанување, кои дополнително допринесуваат во големата акумулација на лутина и бес.
Трн: Колку е важно во вакви моменти луѓето да побараат психолошка поддршка, и кои се знаците дека им е потребна стручна помош?
Ивана: Психотерапијата и психолошката поддршка во сите свои форми, игра витална улога во процесот на психолошко и емоционално заздравување при вакви колективни трагедии со мултипли загуби.
…