Ивановска за претседателката на ДКСК осомничена во случајот „Адитив“: Вистината е како шило, верувам дека ќе излезе на површина
Не сакам ништо да прејудицирам, но како и да е, во секој случај Собранието сега е тоа коешто ги избира кандидатите за членови на комисијата, мислам дека треба да го зајакне својот надзор врз работењето на овие независни тела – рече Ивановска
Собранието е институцијата која ги избира членовите во Државната комисија за спречување корупција, и очигледно тоа треба да спроведува поголем надзор врз овие независни тела, оцени поранешната претседателка на Државната комисија за спречување корупција, Билјана Ивановска откако вчера претседателката на Антикорупциска, Татјана Димитровска, која е осомничена во случајот „Адитив“.
– Не знам и не можам да коментирам во која насока се одвива истрагата, меѓутоа, мене ми е многу тешко и за институцијата, за реномето на институцијата којашто, навистина, знаете колку многу труд вложивме за да го изградиме, за да ја изградиме довербата кај граѓаните, дека еве, има една независна институција во која можат да се обратат, да дадат претставки, да поднесат предмети. Во секој случај, ќе кажам дека е многу, многу непријатно чувство. Вистината е како шило, верувам дека ќе излезе на површина, не сакам ништо да прејудицирам, но како и да е, во секој случај Собранието сега е тоа коешто ги избира кандидатите за членови на комисијата, мислам дека треба да го зајакне својот надзор врз работењето на овие независни тела – рече Ивановска во вчерашното гостување на „Вин Вин“ на телевизија Телма.
Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), Татјана Димитровска, која според соопштението на Обвинителството е третоосомничена во случајот, на товар ѝ се става дека преку апликации за пораки му одавала службени тајни на друг обвинет.
„Третоосомничената со умисла извршила две или повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело искористувајќи ист траен однос, исти прилики и други слични околности. Како службено лице, претседател на ДКСК од месец мај до месец декември 2024 година на неповикано лице обвинето во предметот ‘Адитив’ на друг начин му сторила достапни податоци кои согласно чл. 25 и чл. 50 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, како и чл. 289 од ЗКП претставуваат службена тајна. Таа преку својот службен телефон и апликациите Вибер и Ватсап му давала податоци на обвинетиот за поведени постапки, за отворање на предмети против сега обвинетите правни и физички лица во предметот ‘Адитив’ и одлуки по истите, како и податоци за проверка на имот и неговото семејство. Со своите дејствија таа открила податоци што согласно закон се сметаат за службена тајна и чие откривање може да има штетни последици како за службата, така и за постапките што се водат пред ОЈО-ГОКК“, се наведува во соопштението на Обвинителството.
На Димитровска ѝ е одземен пасошот, а забранети ѝ се работни активности поврзани со кривичното дело.