Ивановска за видеото на Груби: Иако снимката е стара, сепак покажува злоупотреба на институциите за лични или партиски цели

Досега неколку пати сме реагирале на ваквите случувања, кога во кабинет на одредена државна институција има злоупотреба за приватни или за партиски цели, рече денеска претседателката на Државна комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска, за објавеното видео од првиот заменик-претседател во Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, со кое тој на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук му го честита роденденот својот партиски лидер Али Ахмети.

„Остануваме на ставот дека не треба да се прават такви злоупотреби. Во овој случај нема да реагираме зашто се работи за старо видео. Но, доколку се работеше за нов случај секако дека соодветно ќе реагиравме. Но, ако и во иднина се повторуваат ваквите настани, значи институциите не постапиле или не постапуваат соодветно“,

посочи Ивановска.
На видеото се гледа како во весела атмосфера во кабинетот на Груби, Ахмети заедно со косовскиот пејач Илир Шаќири и во придружба на музичари со традиционални инструменти пее албанска патриотска песна.

Всушност, видеото со кое Груби му го честита роденденот на Ахмети најверојатно е снимено на 22 ноември 2022 година, пред свеченоста по повод Денот на албанската азбука. Дел од него Груби има објавено во март 2023 година, како најава за митингот што ДУИ тогаш го одржа во Чаир.

Во видеото што тогаш го објави Груби го нема делот со кој тој денеска му го честита роденденот на Ахмети. Но, ако се погледне атмосферата, па и облеката што ја носат Ахмети и косовскиот пејач Шаќири, лесно се забележува дека станува збор за ист настан, снимен од различни агли.

Минатата година, Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска за друг случај во кој беше вмешан повторно вицепремиерот Груби изјави дека ќе му биде изречена опомена за непочитување на Етичкиот кодекс.

Тогаш таа рече дека кај дел од функционерите има промена во начинот на однесување во поглед на зголемување на свесноста, а дека со мерките што се преземаат ќе се дојде до момент кога некој ќе понесе одговорност за своето работење.

Back to top button
Close