Ивановска: Злоупотребата на институтот в.д директор го претставува највисокиот ризик од корупција
Злоупотребата на институтот в.д директор го претставува највисокиот ризик од корупција, а тоа е политичкото влијание, тврди поранешната претседателка на Државната комисија за спречување корупција Билјана Ивановска во вечерашната Топ Тема на Телма.
Добиј ги најважните вести, бесплатно на Viber
„На овој начин доаѓа до израз највисокиот ризик од корупција а тоа е силното политичко влијание. Искуството ни покажува, досега, дека секоја влада ги прави истите чекори, замена на едни кадри со други без особено образложение зошто го прави тоа, дури и во ситуации коа мандатот сѐ уште им трае. Тоа значи дека во прашање е политичката припадност и дека едни кадри сака да ги замени со други, наједноставен вентил во целата оваа работа е назначување на в.д директори“, рече Ивановска.
Потсети дека работејќи на предмети во ДКСК наишле на два случаи каде исти лица биле назначувани за в.д директори, првиот 7 пати по шест месеци, а вториот дури 11 пати.
„Значи не се почитуваат материјалните закони каде што се предвидува назначувањето на директорите како да се следи, се разрешуваат директори пред истекот на мандатот, се назначуваат директори без да имаат положено диплома за директор, не се спроведува фер конкуренција, објавување конкурси, избор по мерит систем, ретко, скоро никогаш директорите не даваат отчет за потрошените пари, за државните ресурси, а сведоци сме колку многу има злоупотреби, секој ден нѐ бомбардираат извештаи од дзр, претходно и наши предмети. Мислам дека во услови кога не се почитуваат материјалните закони доаѓа до злоупотреба на овој институт“, рече Ивановска.
За Миша Поповиќ од Институтот за демократија продолжувањето на праксата на назначување в.д директори е поради погрешното сфаќање дека тоа ниво во структурата на државната управа е политичко ниво, а не професионално.
„Во развиените демократии одамна директорите на институциите не се политичко ниво, имате мал број на земји од Западна Европа каде што директорите на институциите се политички избраници. Заради тоа што потребно е да се воспостави еден континуитет на државната урпава, вие можете на секои четири години да правите избори, така е во сите деморкатии, меѓутоа со промена на власта нема промена на целокупното раководно ниво на државната управа, туку само на политичките позиции“, рече Поповиќ.