Ивановски: Планираме да се вратиме на железничката мапа, ќе се позиционираме како најдобар коридор за товарен железнички сообраќај

Со Договорот за стратешко партнерство со Велика Британија сериозен акцент се става на инвестициите во инфраструктурата, потенцирајќи ги инвестициите во железничката инфраструктура, особено брзата пруга на Коридорот 10 од Табановце до Гевгелија со што земјава ќе се бетонира како најдобриот, најбрзиот и најисплатливиот транзитен пат за товарен железнички сообраќај од грчките пристаништа до европските дестинации.

 

Како што најави директорот на МЖ Инфраструктура Синиша Ивановски на денешната прес-конференција во Владата, ќе се изврши целосна реконструкција на постојната траса со подигање на брзина над 160 километри на час за патничкиот и до 120 километри на час за товарниот сообраќај. Паралелно со постојната ќе се изгради и целосно нова пруга со што ќе има два колосека при што максимално ќе се исправат кривините и ќе се намали должината на пругата.

-Рокот за изградба е пет години од почетокот на градбата, а се очекува градбата на почне за околу 9 месеци по потпишувањето на договорот. Изведувачот истовремено ќе ја проектира и ќе ја изведува железничката линија. Прво ќе се гради новата траса која ќе биде паралелна со постојната, а потоа ќе се реконструира веќе постојната железничка линија од Табановце до Гевгелија. Со градежната активност ќе биде опфатена и пругата со која ќе се поврзе железничката станица во Скопје со аеродромот во Петровец, информира Ивановски.

Најави дека есенва ќе почне целосна реконструкција на делот од железничката пруга од Драчево до Илинден, како и делот од Зелениково до Скопје кој ќе биде во состав на градскиот воз, а воедно ќе се реконструира и железничката станица во Скопје.

-Со преземените активности и целосна модернизација и изградба на новата пруга планираме Македонија повторно да ја вратиме на железничката мапа. Македонија има одлична инфраструктурна, географска и стратешка позиционираност, а товарниот железнички сообраќај може да биде еден од главните двигатели на економскиот развој, рече Ивановски.

Потенцира дека во земјава Коридорот 10 се одвива по течението на реката Вардар во должина од околу 230 километри. Моменталната пруга е со еден колосек на кој се одвива и товарниот и патничкиот сообраќај. Пуштена е во употреба во 1873 година и досега претрпела измени, надградби и ремонти.

Back to top button
Close