Изјавите на Мицкоски за бинационална држава се трагични и разочарувачки – оценка на Бујар Османи

Разочарувачки и трагични се изјавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека партнерите во Владата договараат создавање бинационална држава, коментира министерот за надворешни работи и портпарол на ДУИ, Бујар Османи, во интервју за „360 степени“ на ТВ „Алсат“.

„Османи: Да ја мобилизирате целата енергија на омраза кон сограѓаните, кон Албанците, кон останатите заедници и сето тоа да го ставите во функција на вашата политичка кариера и на вашата политичка партија е најнеодговорното нешто што може еден политичар да го направи кон оваа држава. Мобилизира енергија на нетолеранција, на страв и омраза од другите, создава теории на конспирација, бидејќи така веројатно го советуваат.

360°: Има такви разговори или не?

Османи: Апсолутно нема.“

Бујар Османи – гостин во емисијата „360 степени“ на ТВ „Алсат“

Шефот на дипломатијата смета дека освен што создала функционален мултиетнички модел, Северна Македонија одиграла важна улога во регионот и на меѓународна сцена како придонесувач за мир.

„Тоа сите ни го признаваат и ни го валоризираат, единствено политичари што очигледно немаат идеи да понудат подобар живот на граѓаните, се враќаат на реторика од деведесеттите години. Јас знам дека е дозволено кога се приближуваат изборите, еве за една година, меѓутоа после Рамковниот договор се поставија некои црвени линии што и најекстремните политичари не ги предизвикуваат, бидејќи знаеја дека таму не е дозволено да се оди. Очигледно, овој политичар нема чувство за тие граници што создаваат нормално, мултиетничко функционирање на оваа држава“,рече Османи.

Мицкоски деновиве дава изјави во кои вели дека „не се само уставните измени за исполнување на бугарскиот диктат на којшто работи власта“, туку дека една од идеите на кои се работи е и создавање бинационална држава, на два народа, неколку заедници кои се споменуваат во Уставот и постоење малцинства.

Од друга страна, информациите што доаѓаат од работната група за подготовка на уставните измени се дека темата за замена на уставната дефиниција за 20 отсто со албански јазик нема да им биде на нејзин дневен ред.

Османи вели дека и кај албанската заедница има спротивставеност на два концепта, посебно помеѓу политичкото милје – концепт на тие што сè уште се гледаат како претставници на една мала заедница која постојано бара некои права од поголемата заедница и концепт на тие што сметаат дека заедно се гради заедничка држава

Тој додава дека Албанците никогаш не биле причина за државата да заостанува на евроатлантскиот пат и дека не би биле и во оваа критичка точка кога земјата се наоѓа на крстопат.

Back to top button
Close